Прв голем изборен пораз на италијанската премиерка
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја загуби власта на медитеранскиот остров Сардинија, со што нејзината десничарска коалиција го доживеа првиот значаен изборен неуспех откако Мелони ја презеде функцијата во 2022 година, покажаа денеска резултатите од регионалните избори.
Алесандра Тоде, членка на левичарското Движење пет ѕвезди, поддржано од Демократската партија (ПД), освои 45,4 отсто од гласовите на изборите во неделата, надминувајќи го Паоло Труцу, кандидатот избран од Мелони, кој освои 45,0 отсто.
И додека некои гласачки ливчиња останаа да се пребројат, Труцу веќе го призна поразот, додека Тоде ја прослави својата победа со шефицата на ПД Ели Шлајн и поранешниот премиер Џузепе Конте, лидерот на Петте ѕвезди. „Почнуваат да дуваат поинакви ветрови“, рече Шлајн.
Тоде, поранешна функционерка во владината канцеларија за индустрија и успешна менаџерка, ќе биде првата претседателка на островот и прва претседателка на италијански регион од Движењето пет ѕвезди.
Тоа е, исто така, првпат левиот центар да успее да ја промени волјата на гласачите во Сардинија од 2015 година, давајќи им на опозициските партии поттик пред уште четири регионални избори оваа година и изборите за Европскиот парламент во јуни.
„Сардинија го урна митот за политичката непобедливост на Мелони“, рече Франческо Галиети од институтот за политички ризик „Полиси сонар“.
Блокот на премиерката, вклучително и нејзината партија Браќа на Италија, како и Лига и Форца Италија, победија на сите четири регионални избори во 2023 година и сè уште контролираат 14 од 20-те региони во Италија.
Анкетите покажуваат дека десничарската коалиција води и на национално ниво, иако Лига се чини сè покревка, што го доведува во прашање опстанокот на нејзиниот лидер Матео Салвини. Неговата партија освои само 3,7 отсто од гласовите на Сардинија, во споредба со 11,4 отсто на последните регионални избори на островот во 2019 година.
Следното регионално гласање во Италија ќе биде на 10 март во Абруцо, централниот регион источно од Рим, каде ПД и Движењето пет ѕвезди повторно ги здружија силите. Браќата на Италија на Мелони водат во националните анкети со околу 28%, додека ПД има околу 20%, а Пет ѕвезди 16%.