По трет пат оштетен бугарскиот клуб во Охрид
Повторно искршено стаклото од бугарскиот клуб Цар Борис Трети во Охрид но овој пат со огнено оружје.Инцидентот го потврдија и од охридската полиција , од каде посочија дека , вчера во 19 часот и 12 минути во СВР Охрид било пријавено оштетување на стаклото од канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“, лоцирано на булеварот „Македонски просветители“ во ТЦ „Амам“.
Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот при што, утврдено е дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје.За настанот известен е Јавен Обвинител од ОЈО Охрид по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот, стои во соопштението на охридската полиција.
Ова е трет напад на контроверзниот бугарски клуб во Охрид , претходно, беше искршен излогот на просториите во кои е сместен клубот, но и таблата каде е испишано името Цар Борис Трети.
Отворањето на просториите на клубот во Охрид кој носи контроверзно име се случи на почетокот од октомври. Тогаш, со протест и тензии помина свеченоста.
Министерството за надворешни најостро го осуди овој вандалски чин ода каде велат дека ваквите настани се целосно неприфатливи, и можат да загрозат човечки животи.
„Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава“,се вели во соопштението од МНР.
Синоќа пак како што пренесуваат бугарските медиуми, бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија за инцидентот во Охрид а како што пишуваат денеска на средба ќе била повикана и македонската амбасадорка Агнеса Руси – Поповска во Софија во министерството за надворешни работи.
Според измените на Законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри во земјава имаат рок од три месеци да ги променат имињата на здруженијата. Второто здружение го носи името „Ванчо Михајлов“, исто така контроверзна историска личност, соработник на фашистите, а клубот се наоѓа во Битола и беше запален.