Попладне се очекува евакуација на македонските државјани од Израел
Процесот на евакуација се реализира согласно веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, заклучно со денес, во рамки на процесот на евакуација, во Амбасадата на Македонија во Абу Даби се евидентирани 505 македонски државјани, од кои 458 престојуваат во Обединетите Арапски Емирати. Дополнително, 31 лице се пријавени од Кувајт, а 14 лица од Бахреин. Во Доха, заклучно со денес, се евидентирани 141 македонски државјанин.
-Лицата кои изразија подготвеност за евакуација од Израел се очекува во попладневните часови со владиниот авион да полетаат кон Скопје. Со тоа целосно ќе се заокружи процесот на враќање на сите граѓани кои побараа извлекување од Израел. Во следните денови се очекува да започне реализацијата на враќањето на македонските државјани од Обединетите Арапски Емирати, како и на граѓаните кои се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт, за кои е предвидено враќање со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија, информираат од МНР.
Процесот на евакуација се реализира согласно веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш ги повикува сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од асистенција, да го сторат тоа во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви во дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот на МНРиНТ.
Министерството останува во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните, со приоритетна цел – нивно безбедно и навремено враќање.



