Спорт

Перез: Овој Мбапе не е оној кој го сакавме, ова е друг Мбапе 

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез не ја отфрли можноста некогаш во иднина да го ангажира Килијан Мбапе, но вели дека тој се променил, не е личноста која сакале да ја ангажираат.

Иако се чинеше дека ова лето Килијан Мбапе ќе пристигне во Реал Мадрид бидејќи тоа е клубот за кој сонува да игра, сепак тој реши да остане во ПСЖ и да го продолжи договорот.

Во интервју за „Ел Чирингито“, претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез се обиде темелно да ја објасни целата ситуација. Тој верува дека притисокот од претседателите и парите и функцијата која му беше понудена од клубот, го промениле Мбапе.

„Мбапе на целиот свет му ја кажа својата желба, својот сон да игра за Реал Мадрид. Тоа го кажа јавно. Сакавме да го донесеме во август, но беше невозможно, тие не го пуштија. Чекавме долго време, цела година, и кога таа година помина, на 15 дена пред да треба да потпише, ситуацијата се промени, мислам дека тоа беше поради политички притисок, но и економски“, вели Перез.

„Тие практично му понудија да биде лидер не само на фудбалскиот тим, туку и на управата. Тогаш видовме дека тоа не е Мбапе кој ние сакавме да го донесеме, туку како резултат на пртисокот тој ги промени своите соништа. Кога дете ќе биде повикано од претседателот на државата, тоа секако дека има влијание, и тоа нема смисла бидејќи таму има и други клубови. Тоа имаше големо влијание на него. Можете да успеете во Реал Мадрид како што го направи тоа Зидан или да бидете извор на гордост за претседателот на државата. Фудбалот е колективен спорт и ние имаме некои вредности кои не сакаме да ги промениме“.

„Мислам дека неговата мајка сакаше тој да дојде во Реал Мадрид бидејќи тоа било негов сон од мало дете. Немам зборувано со неа, но ми кажаа дека таа била засрамена. Тој не дојде затоа што не сакаше да дојде. Кога сите ти прават притисок, а имаш 23 години, се блокираш“.

На прашањето дали мисли дека Мбапе може во иднина да пристигне во Реал Мадрид, Перез рече: „Не, бидејќи овој Мбапе не е мојот Мбапе. Но доколку се промени… Во животот има многу пресврти. Мислам дека тие го збунија, тој е многу млад. Му посакувам се најдобро, не му посакувам лошо. Но верував во неговиот сон. Мадридистите ќе бидат разочарани, но Мбапе кој сакаше да дојде во Реал Мадрид, не е овој Мбапе“.

„Тој преку порака ме информираше и јас му посакав среќа. Но во тој момент ние веќе не бевме заинтересирани. Ниту еден фудбалер во историјата на Реал Мадрид не бил пред другите. Нема да правиме никакви исклучоци за да го доведеме во ризик менаџирањето на тимот“.

„Фудбалерот не е пејач или глумец. Тој е дел од група каде со исклучок на платата, сите имаат исти услови, никој не е над другите“.

„Политичкиот притисок, парите и функцијата да биде лидер го променија. Дури и го разбирам. Иако е незамисливо тоа да се случува во Шпанија. Него му се јавија две држави Катар и Франција. Тоа никогаш не сум го видел, претседателот на државата да му се јави на играч. Можете да бидете одличен светски играч и да не играте во Франција, како што се Зидан и Бензема“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons