Папата Франциско до свекрвите: Внимавајте на својот говор
Папата Франциско денеска им оддаде почит на свекрвите, кои според него се често жртви на најтривијалните „клишеа” и ги повика да „обрнат внимание што зборуваат”, особено во однос на своите снаи.
Овонеделната општа аудиенција на Плоштадот Свети Петар беше посветена на меѓугенерациските односи, а папата имаше долга дигресија за „митскиот лик“ на свекрвата.
„Свекрвата, не велам дека ја гледаме како ѓавол, но таа секогаш е погрдно претставена. Но, свекрвата е мајка на вашиот сопруг и мајка на вашата сопруга“, рече тој.
„Си велиме колку е подалеку свекрвата, толку подобро. Но не, таа е мајка, таа е постара личност. Најубавата работа за една жена е да има внуци. Кога нејзините деца имаат деца, таа повторно оживува“, продолжи 85-годишниот аргентински папа.
Папата ги повика снаите да се грижат за односите со свекрвите. „Понекогаш тие се малку посебни, но му пружиле мајчинство на вашиот сопруг“. „Барем израдувај ги“, додаде тој.
Франциско ги предупреди и свекрвите: „Ви велам, внимавајте како се изразувате, говорот е еден од најгрдите гревови на свекрвите“.
Папата се извини што ја одржал општата аудиенција во седечка положба поради болки во коленото кои неодамна го принудија да откаже некои обврски.