Од условна до 5,2 години казна затвор за дивите копачи што распродавале културно наследство
На првото одржано рочиште за предметот „Багер“ осуммина од 11 обвинети кои извршувале недозволено истражување и ископување на движни добра под привремена заштита, односно културно наследство, ги признаа делата за кои Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во јуни годинава поднесе обвинителен акт, информираа денеска од ОЈО ГОКК. Во јуни годинава ОЈО ГОКК поднесе обвинение против 11 диви копачи кои според обвинителството незаконски ископувале и распродавале археолошки, етнолошки, уметнички и историски вредности со непроценлива вредност, односно значајно добро и добро од особено значење сопственост на Република Македонија, со исклучителна вредност.
Според обвинението, сите обвинети сториле кривично дело злосторничко здружување.
Освен тоа, првообвинетиот С.Џ. денеска признал дека ги сторил и кривичните дела прикривање, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и е осуден на единствена казна затвор во траење од 5 години и 2 месеци.
„Четворицата обвинети М.С., Г.К.,И.С.,и М.Џ., освен кривичното дело злосторничко здружување, признаа дека сториле и кривично дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости за што судот им изрече алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. Д.Р. кој беше обвинет и за кривичното дело изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, ја призна вината и судот му изрече единствена казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци. Т.А. покрај кривичните дела злосторничко здружување и прикривање, го призна и кривичното дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости за кои му е изречена единствена затворска казна од 3 години и 8 месеци. Најмладиот, 28 годишниот Р.З. призна дека е сторител на кривичните дела злосторничко здружување, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости и изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, за што му е изречена единствена затворска казна од 3 години и 2 месеци“, информираа од ОЈО ГОКК:
За останатите тројца обвинети судењето е во тек.
Во јуни годинава ОЈО ГОКК поднесе обвинение против 11 диви копачи кои според обвинителството незаконски ископувале и распродавале културно наследство.
Според обвинителството, во текот на втората половина на 2021 година на територијата на Македонија, со цел стекнување противправна имотна корист, обвинетите С.Џ., З.А.и Т.А. создале група во која група, припадници станале останатите обвинети.
„Групата станала функционална целина и нејзините припадници во периодот од 1 декември 2021 година до 12 декември 2022 година преземале дејствија на неовластено од надлежен орган истражување на археолошки локалитети како недвижни добра под привремена заштита, користејќи пренесени сознанија, карти и рачно пишани текстови и преданија за ориентација и пронаоѓање на археолошките локалитети. По пронаоѓање на локалитетите, со користење на метал детектори обвинетите извршувале недозволено истражување и ископување на движни добра под привремена заштита, односно културно наследство. Археолошките добра и историските предмети иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале во нивните домови или на непознати локации и неовластено од надлежен орган ги нуделе и продавале на заинтересирани купувачи од земјата и странство“, информираа тогаш од ОЈО ГОКК.
Оттаму наведоа дека отуѓените добра се предмети со археолошки, етнолошки, уметнички и историски вредности со непроценлива вредност, односно значајно добро и добро од особено значење сопственост на Република Македонија, со исклучителна вредност. Со нивно трајно оттуѓување, обвинетите сториле трајна штета за археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции и штета на државата.