Македонија

Обраќање на Мицкоски пред протестот на 18 јуни: Премногу е! Молкот веќе не е опција  

Живееме во време кога нормалниот живот станува луксуз. За повеќе од нормалното не може ни да се помисли во време кога живеачката станува сè поскапа, а семејниот буџет сè потенок. Ќе кажат кризата е увезена, но неспособноста на тие кои ја водат земјата е автентична, затоа и инфлацијата е двоцифрeна, затоа струјата е поскапена, затоа половина милион луѓе живеат во сиромаштија во нашата земја, и 90 илјади луѓе и овој месец работеа, но не земаа плата, вели во своето видео обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод најавениот протест на 18 јуни.

„Неважни се бројките со кои се фали Владата кога сè погласен е крикот на оние кои не можaт да си ја платат струјата, на оние за кои маслото за јадење станува луксуз, скапите бензини недостапни, трпезите празни, а иднината за која сме сонувале – недостапна.

И продолжувањето по таа патека значи сигурна пропаст без можност за поправка, точка од која нема враќање, губење на Македонија и која така веќе ја има сè помалку. И сигурно ви е позната максимата дека како што е сега, никогаш не било порано, но секој еден човек на нашата Македонија длабоко во себе знае дека се доближуваме до точката која доколку се продолжи со истото, навистина нема да има поправка ниту промена за иднината за која сонуваме, ја заслужуваме, и за која се бориме.

Не постои ниту најмала надеж дека со оваа Влада може да биде барем нешто подобро, тие се веќе во шестата година од своето владеење кое донесе живот на национална катастрофа, во секое поле, во секој сегмент.

Пет години на загубена надеж, на изневерени очекувања, разочарувања и национални предавства. И ова што го констатираме не е простодушна партиска порака, туку човечко обраќање на човекот до вас, кој ви се обраќа вам, слободните луѓе на нашата Македонија.

Ова обраќање е во име на ВМРО-ДПМНЕ, но во својата суштина е натпартиско, обединувачко, неполитичко, со чиста емоција, јасна порака која треба да ечи дека дојде часот, дека молкот во овие времиња не е опција, дека е премногу, а границите на разумот се надминати.

Премногу е затоа што со оваа Влада животот вреди најмалку, премногу е од несреќи во кои загубените животи се само статистика, без одговорност од кој било, било да е Ласкарци, модуларната болница во Тетово, или автобуската несреќа во Бугарија.

Премногу е затоа што 10.000 наши пријатели, нечии браќа и сестри, роднини, познаници, соседи го загубија животот поради короната. Премногу е затоа што здравствениот систем не е во распаѓање, туку е распаднат.

Премногу е поради неплатената мака на земјоделците, чесните работници, поради плачот на мајките кои се делат од своите чеда што одат по белиот свет, поради неправедно осудените, упропастените судбини, поради животот во кој љубовта кон нашата Македонија се претставува за грев, и тоа од страна на оние кои нема светост по која не посегнаа, нема идентитетско прашање кое не го проблематизираа.

И со секој ден сè подалеку од ЕУ, сè повеќе криминал, корупција и тендери. Дојдоа со голема надеж и ветувања за напредок кон ЕУ, наместо тоа нема европска вредност која не ја погазија, а испорачаа рекет, договори во четири очи, фабрики со марихуани. И кога ќе ви кажат можат подобро, тие можат само полошо“, порача Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons