Свет

Новата германска влада ќе го преполови бројот на имигрантите од Западен Балкан 

Германија ќе го преполови бројот на лицата што како дел од таканаречените Правила за Западен Балкан заради вработување се селат во Германија од 2016 година, според коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада.

„Редовната миграција во Германија според таканареченото Правило за Западен Балкан ќе биде ограничена на 25.000 луѓе годишно“, се вели во коалицискиот договор што Унијата ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го претставија денеска во Берлин. Правилото со кое им се дозволува на вработените од Западен Балкан да имигрираат за работни цели беше воведено во почетокот на 2016 година, откако земјите од регионов беа прогласени за безбедни земји, со што практично беше исклучено стекнувањето на правата на азил во Германија за граѓаните на тие земји.

Ова правило имаше цел да им овозможи на луѓето што ќе најдат работа во Германија редовно да емигрираат во таа земја. За разлика од другите правила за трудови имигранти што не доаѓаат од некоја од земјите на Европската Унија, имиграцијата според Правилото за Западен Балкан не бара квалификации, туку само договор за вработување со работодавец во Германија.

Последната социјалдемократско-зелено-либерална влада пред помалку од една година ја удвои квотата според ова правило на 50.000 работни дозволи годишно. На крајот на минатата година, во Германија се регистрирани 79.500 лица врз основа на имиграција според правилата за Западен Балкан. Најголем број доаѓаат од Косово, а потоа следуваат граѓаните на Босна и Херцеговина.

Граѓаните на шесте земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија) исто така можат легално да имигрираат во Германија преку други програми за имиграција на квалификувана работна сила. Најголем проблем при издавањето на работните визи беше ограничениот капацитет на германските конзуларни претставништва, каде што во почетната фаза се чекаше за термин повеќе од една година.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons