Актуелно

Неистечените лични карти ќе важат и на шалтер и на избори, напразно се прави метеж 

Од банките велат дека ќе им ги уважуваат личните карти на граѓаните со старото име Република Македонија чиј рок на важење не е истечен, а во ДИК објаснуваат дека според актуелните одредби во Изборниот законик во Избирачкиот список се запишуваат сите полнолетни граѓани со важечки лични документи

Граѓаните кои имаат важечки, неистечени лични карти со старото име на државата Република Македонија после 12 февруари нема да имаат пречки при посета на банкарските шалтери, а нема да имаат проблем ниту при гласањето на претстојните претседателски избори на 24 април и на претседателските избори на 8 мај. Без проблем ќе се вадат пари и ќе се гласа.
Од банките неофицијално велат дека ќе им ги уважуваат личните карти на граѓаните со старото име Република Македонија чиј рок на важење не е истечен. Официјален став на Македонската банкарска асоцијација со кој ќе се потврди ова како правило за сите банки се очекува во текот на оваа недела.

Во Државната изборна комисија велат дека според актуелните одредби во Изборниот законик во Избирачкиот список се запишуваат сите полнолетни граѓани со важечки лични документи. Во процедура се измени на Изборниот законик кој треба да се усогласи со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а во ДИК велат дека меѓу препораките има делови кои укажуваат дека на граѓаните не треба да им биде ускратувано или ограничувано избирачкото право, а во врска со проблемите и пречките при издавањето на личните документи.

Издадени над милион лични карти со Република Северна Македонија

И од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ повторно потврдија дека граѓаните кои нема да успеат да ги заменат личните карти со старото уставно име на државата нема да сносат последици во смисла на казни или ускратено право на глас.

Од МВР велат дека од 5 јули 2021 година до 31 декември 2023 година нови лични карти со уставното име Република Северна Македонија извадиле 1.007.855 граѓани. Бројот на променети пасоши е поголем и за истиот период изнесува 1.169.463, а извадени се и 529.799 нови возачки дозволи. Според бројките на МВР и со оглед дека околу половина милион лица во Македонија се малолетни, излегува дека уште околу 300.000 граѓани ги немаат променето личните карти.

Навалицата за нови лични карти почна пред неколку месеци кога министерот Оливер Спасовски усно најави дека после 12 февруари 2024 година нема да важат личните карти, возачките дозволи и пасошите поради Преспанскиот договор и ги повика сите граѓани да ги сменат за да имаат документи со уставното име на државата. Редовните термини со телефонско закажување брзо се пополнија и лани во октомври термин се добиваше за годинава во мај. Откако МВР сфати дека нема никаква шанса сите навреме да ги променат документите, отвори пункт во полициската станица „Пролет“ каде граѓаните можат да се фотографираат за личните документи без претходно закажување.

Исплашени дека нема да можат да извадат пари од банка или дека нема да можат да гласаат, граѓаните навалија на новоотворените шалтери и оттогаш до денес таму е метеж. Луѓето доаѓаат уште пред разденување, во 5, па и во 4 часот наутро, за да „фатат ред“, но и покрај тоа речиси сите чекаат повеќе часови, а многумина доаѓаат и по неколку дена и напразно чекаат без да завршат работа.

Од МВР велат дека дневниот проток на шалтерите во ПС „Пролет“ кои работат во две смени во работните денови, а се отворени и во сабота изнесува од 8.000 до 10.000 граѓани. Не можат да проценат уште колку време ќе трае метежот во ПС „Пролет“ и кога може да се очекува сите полнолетни граѓани во Македонија да имаат нова лична карта, усогласена со Преспанскиот договор.
Што се однесува до метежот и повеќечасовното чекање при подигнувањето на веќе готови документи, од МВР само повторуваат дека шалтерите работат и преку викенд, што соодветно било најавувано преку медиумите за граѓаните да бидат информирани кога и каде можат да подигнат документи.

Гледате овде некој директор?

Камерата на „Слободен печат“ во петокот го посети пунктот кај ПС „Пролет“ каде дел од граѓаните ни кажаа дека се враќаат веќе неколку дена по ред затоа што не можат да завршат работа, се случувало да чекаат и една работна смена. Еден господин рече дека доаѓа по трет пат, а во четвртокот чекал дури девет часа.

Револтирана скопјанка вели дека залудно е да се чека, ја затворат вратата и никој не излегува да каже уште колку да чекаат и дали воопшто да се чека.

– Чекаат и со мали деца и бремени жени, а никој не ги пушта преку ред. Погледнете го профилот на луѓето кои чекаат, гледате некој директор, функционер? Не, само обични граѓани, останатите влегуваат преку врски. Нема ниту еден полицаец, еве почекајте и ќе видите дека никој не излегува да воведе некаков ред околу метежот. Чекаме, а никој не нè известува дека не пуштаат повеќе за тој ден, треба некој да не извести за да знаеме да си одиме дома – вели таа.

Според еден скопјанец, за да не се прават вакви турканици требало да се отворат пунктови во сите општини.

– Ова требаше да го направат во сите општини, да ги одвојат местата за да можат побрзо да функционираат. На што личи ова?! Срамота! Има стари луѓе, луѓе со деца што чекаат, ајде ние помладите ќе издржиме. Има такви кои излегле од работа и не можат да чекаат предолго, па се откажуваат – вели тој.

Законот за лична карта остана неусогласен

Инаку, согласно Преспанскиот договор граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од 5 години од влегувањето во сила на уставните измени, а тој рок истекува следниот месец. Усогласувањето на личната карта остана заглавено во процедурите, а усогласени се Законот за патната исправа и Законот за безбедноста во сообраќајот, каде во завршните и преодни одредби е наведено дека пасошите, возачките дозволи и возачките книшки кои го содржат натписот Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен, а најдоцна до 12 февруари 2024 година. Измените на Законот за личната карта почнаа во март 2021 година, но останаа неусвоени затоа што во истиот пакет беше ставено и усогласување со Законот за употреба на јазиците, а текстот го помина само првото читање и две комисиски расправи, но остана заглавен по поднесените 1.500 амандмани од партијата Левица. Во октомври лани беше донесена друга измена на Законот за личната карта, со која се олесни пријавувањето на живеалиште за бездомниците, но не се изврши усогласување со преодна и завршна одредба со која ќе се утврди дека личните карти важат до 12 февруари 2024 година.

Ова значи дека за личните карти во овој момент не постои засебен правен акт во кој е наведено дека важи до февруари ако е со старото име на државата! Но, според правниците, тоа не значи дека менувањето на личните карти е незаконско, туку дека парламентарните партии се некоординирани и несериозни.

– По уставните измени е донесен Уставен закон за спроведување на амандманите 33, 34, 35 и 36 и во тој уставен закон е определено дека документите мора да се променат во рок од пет години. Во уставниот закон не е поединечно наведено дека мора да се променат лични карти, пасоши и возачки дозволи, но нема ниту потреба. Тоа што нема законска измена на законот за лични карти, а има измени за пасошите и за возачките дозволи не е пречка за промена на личните карти, оти со уставниот закон се подразбира и тој документ – велат познавачите за „Слободен печат“.

Извор: slobodenpecat.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons