Неверојатно медицинско откритие: Научниците пронајдоа нов антибиотик кој може да убие смртоносна супербактерија
Научниците открија сосема нова класа на антибиотици што се чини дека убива една од трите бактерии кои се сметаат дека претставуваат најголема закана за здравјето на луѓето поради нивната голема отпорност на лекови, пишува „Гардијан“.
Научниците од фармацевтската компанија„Рош“ развија нов антибиотикзосурабалпин, кој може да ја надмине отпорноста на супербактеријата позната по стручниот назив Acinetobacter baumannii.
Оваа супербактерија е идентификувана од страна на Светската здравствена организација како итна закана за која се неопходни нови антибиотици, бидејќи бактеријата забрзано се шири низ болниците и е отпорна на постоечките третмани.
Тимот, предводен од Мајкл Лобриц и Кенет Бредли, пребарувал база на податоци од околу 45.000 синтетички пептиди, молекули кои обично не се основа на повеќето антибиотици, добиени од природата.
Меѓу нив, тој идентификувал неколку молекули со антибактериска активност, меѓу кои избрал една, која потоа ја оптимизирал за да ја подобри нејзината ефикасност и безбедност.
Лекот, кој веќе излекувал глувци од воспаление на белите дробови (пневмонија) и сепса, предизвикана од A. baumannii, почна да се користи кај луѓето, во првата фаза од испитувањето, за да се тестира неговата безбедност при лекувањето на луѓето.
Зосурабалпин ја надминува одбраната која вообичаено ја прави оваа бактерија отпорна, така што го блокира транспортот на молекулата, липополисахаридот, до површината на бактериите, каде што е потребно да се создаде надворешната мембрана на овие микроорганизми.
Тоа го постигнува со совладување на само една од двете мембрани што ги имаат грам-негативните бактерии. Без таа надворешна мембрана, помала е веројатноста дека A. baumannii ќе преживее и станува чувствителна на други антибиотици, кои може да се комбинираат со зосурабалпин за лекување на овие видови на инфекции.
Во посебна студија, исто така објавена во списанието „Нејчр“ (Nature), се додаваат информации за начинот на кој транспортниот систем на липополисахариди работи на површината на клетката за да ја создаде надворешната мембрана и како новиот антибиотик ја блокира.
Ова знаење ќе се користи за пребарување на нови соединенија чија цел е деактивирање на овој механизам и создавање алатки против отпорност на бактерии, проблем кој, според некои проценки, би можел да биде водечка причина за глобална смрт до 2050 година.