НБМ: Граѓаните во банките чуваат 7 милијарди евра, а компаниите 3
Според податоците на Народната банка на Македонија граѓаните во банките чуваат повеќе од 6,9 милијарди евра. Компаниите пак во банките чуваат многу помалку пари отколку граѓаните – околу 3 милијарди евра.
Растот на годишно ниво на депозитите на населението е 14 проценти. Во октомври е регистиран годишен раст на вкупните депозити од 11,8 проценти, како и на вкупните кредити за 12,1 процент.
„Порастот на вкупните депозити, пред сѐ, се должи на растот на депозитите кај домаќинствата, а растот кај кредитите произлегува од зголемените кредити на корпоративниот сектор.Физичките лица најмногу земале потрошувачки и станбени кредити и кај нив е забележан годишен раст соодветно од 10,2 проценти и 16,1 проценти“, соопшти Народна банка на Македонија.
Кај автомобилските кредити се бележи намалување на годишно ниво од 1,9 проценти. Пад на годишно ниво бележат и кредитите одобрени на кредитни картички.
Населението за кредити должи 4,4 милијарди евра, додека пак компаниите 4,2 милијарди евра. Или вкупно граѓаните и компаниите кон банките имаат долг од 8,7 милијарди евра. Во јануари вкупната вредност на кредитите достигнуваше 8 милијарди евра.



