Актуелно

На фиксен телефон се помалку се зборува – испитаниците посочуваат дека иако ја имаат линијата, не ја користат

Разговорите преку фиксна линија продолжуваат да се намалуваат. Податоците кои ги објавува Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата година во четвртиот квартал преку фиксна линија биле остварени 30.860 илјади минути разговор. Истиот период претходната или пандемиската 2020 година биле направени разговори преку фиксен телефон во траење од 39.239 илјади минути. Година претходно, или четврт квартал 2019 година преку фиксен телефон биле обавени 41.421 илјади минути. Тенденцијата на намалување на разговор или користење на фиксните лининии на телефонијата не е нова.

Наспроти падот на разговорите кај фиксните линии, повиците преку мобилната телефонија од година во година растат. Сепак, и кај мобилната телефонија има подеми и падови, па се забележува дека кај разговорите преку мобилен на крајот од пандемиската 2020 година бил достигнат врв, но во текот на 2021 година разговорите преку мобилната мрежа се намалиле. Па така, ако во четвртиот квартал од 2019 година преку мобилен телефон биле остварени 1.376.453 илјади минути, веќе во истиот период 2020 година преку мобилен повиците се зголемиле на 1.589.901 илјади минути. Но, во четвртиот квартал од 2022 година бројот на остварени повици се намалил на 1.485.329 илјади минути.

Извештајот на Агенцијата за електронски комуникации за испитување на јавното мислење во однос на пазарот на електронски комуникации во Македонија, кај резиденцијалните корисници покажало дека иако 52,6 проценти од испитаниците се изјасниле дека имаат фиксна линија, што според АЕК е на слично ниво како и изминатите пет години, половина од нив воошто не ја користат фиксната телефонија, но ја имаат бидејќи доаѓа во пакет со други услуги.

-Помалата користеност на фиксните услуги го потврдува и фактот што само 1,2 отсто од корисниците што не се корисници на фиксна телефонија, размислуваат да станат корисници во наредните 12 месеци. Mобилна телефонија користат 100 отсто од испитаниците – се наведува во извештајот на АЕК за резиденцијални корисници спроведен во текот на минатиот месец од 1 до 20 април

АЕК исто така има направено истражување на јавното мислење кај деловните корисници при што утврдиле дека, кога станува збор за користење на електронски комуникациски услуги од страна на деловните субјекти, најмногу користени услуги се мобилна телефонија и интернет.

-Во 2022 година околу 88 отсто од испитаниците користат мобилна телефонија, 75 проценти користат интернет, 48 отсто користат фиксна телефонија, додека 23 проценти користат телевизија како услуга во компанијата. Околу половина од испитаниците користат услуги во пакет или 56,3 отсто од деловните корисници, и тоа најчесто пакет со фиксна, мобилна и интернет – 34,1 проценти од нив. Фиксна телефонија во 2022 година користат 47,7 отсто од деловните корисници. Од нив 90 проценти користат само една телефонска линија. Мал дел или 11,2 отсто од деловните корисници кои користат фиксна телефонија не се обврзани со договор за користење на овие услуги. Од оние корисници кои имаат склучено договор за користење на услугите, најчесто договорот го склучуваат за период од две години – 80,4 отсто од компаниите. За 76,5 проценти од компаниите договорите кои ги склучуваат се стандардни, додека 7,6 отсто од нив се изјасниле дека условите на договорот се специјално прилагодени за нивната компанија – се наведува во извештајот на АЕК од испитувањето спроведено меѓу деловните корисници.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons