Актуелно

Најранливите категории ослободени од работа до 25 јули 

Портокаловата фаза во цела држава продолжува до 25 јули. Поради тоа, Министерството за труд и социјална работа и Владата информираат дека продолжуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури. 

Како што информира владината прес-служба, се препорачува ослободување од физичко присуство на работното место на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, со организирање онлајн работа таму каде што техничко-технолошкиот процес го овозможува тоа.

Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. 

Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран, да укажуваат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

Владата на вчерашната 173. седница одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Владата препорачува приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ, избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од девет дена, од денеска до 25 јули, или до натамошно одлучување.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, портокаловата фаза се очекува да трае во следните 10 дена. 

Извор: МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons