Најмалку 110 луѓе загинаа во поплави и свлечишта на Филипините
Во поплавите и одроните предизвикани од тропската бура на Филипините загинаа 110 луѓе, а повеќе од 2,4 милиони се погодени, соопшти денеска националната агенција за катастрофи.
Како што пренесе ДПА, 33 лица сè уште се водат како исчезнати, а над 100 се повредени.
Погодените области претрпеа големи поплави откако бурата Налга донесе обилни дождови неколку дена пред да удри на источниот дел на Филипините во саботата.
Налга се оддалечи од Филипините, но нова тропска бура се движеше кон источниот брег на земјата и се очекуваше да донесе нови дождови, соопшти метеоролошката служба.
Сепак, се очекува бурата Банјан да ослабне во тропска депресија, додаде службата.
Филипинскиот архипелаг секоја година го зафаќаат просечно 20 тропски циклони.