Свет

Најзагаден град во светот е Сараево

Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот, врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница Ај-кју ер.

Според податоците достапни таму, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување, или ознака за воздух што е опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.

Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.

Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПМ 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и можат трајно да го нарушат здравјето, во Сараево беше на ниво 53 пати повисоко од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).

Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па маглата која се создава ја покрива сараевската котлина, а под неа се акумулираат честички штетни супстанции.

За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат бројните печки кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons