Свет

Мелони и Трамп се среќаваат денеска: Клучни разговори за трговијата и иднината на односите меѓу ЕУ и САД

За време на нејзината денешна посета на Вашингтон, италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе се обиде да го одврати американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови царини за Европската унија. Иако Мелони не е првиот избор на Брисел за вакви разговори, таа можеби е единствената која моментално има пристап до Трамп, пренесува Политико.

„Имаме сила, способност и мудрост да ја надминеме секоја пречка. Веќе поминавме низ многу и нема сомнеж дека нè очекуваат нови предизвици“, изјави Мелони пред нејзиното патување во САД, додавајќи дека ќе се обиде да му објасни на Трамп зошто новите трговски мерки сериозно ќе влијаат на европската економија.

„Мораме да избегнеме трговска војна по секоја цена, бидејќи тоа ќе го ослаби целиот Запад“, нагласи таа.

Трамп претходно ја нарече Мелони „прекрасна личност“ и ја покани на својата инаугурација. Познато е дека тој им придава големо значење на личните односи во дипломатијата, па Белата куќа очекува дека тој ќе ја искористи оваа средба за тестирање на теренот за можен договор – во време кога тензиите меѓу САД и ЕУ на трговскиот фронт повторно растат.

Минатата недела Трамп привремено ги стопираше најавените царини и рече дека европските земји му „ласкаат“, што предизвика дополнителна загриженост во Брисел – особено поради симболиката што Мелони сега доаѓа во Вашингтон.

Нејзината блискост со светот на Трамп предизвикува недоверба кај европските сојузници, кои се плашат дека нејзините пораки би можеле да отстапат од позициите искажани, на пример, од францускиот претседател Емануел Макрон или од британскиот премиер Кир Стармер.

Аналитичарите сметаат дека Мелони успеала да се претстави како политичарка која, иако доаѓа од крајната десница, негува трансатлантски односи и соработува со ЕУ, а во исто време има посебен канал на комуникација со Белата куќа. Токму поради оваа „двојна позиција“ европските лидери ги полагаат своите надежи во нејзината способност да посредува во трговскиот договор и евентуално да влијае на ставовите на Трамп за војната во Украина.

Според извори од нејзиниот кабинет, Мелони се консултирала со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен за содржината на разговорот. Сепак, многумина во Брисел стравуваат дека Италија би можела да се обиде да добие ослободување од царинскиот режим за себе, што би ја ослабело преговарачката позиција на целата Унија.

Трамп сѐ уште не ја поканил Урсула фон дер Лаен во Вашингтон, а министерот за надворешни работи на САД Марко Рубио неодамна ја откажа средбата со Каја Калас, шефицата на европската дипломатија. Така, Мелони во моментов е единствениот европски лидер кој има директен контакт со Белата куќа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons