Македонија

Македонски фирми се уште исплаќаат плати по 5 и 10 денари 

17.135 работници се уште чекаат да добијат плата за септември. Управата за јавни приходи на брифинг со новинарите објави анализа за исплаќањето плати. 700 компании воопшто не исплатиле ниту денар плата од почетокот на годината и нивните сметки се блокирани, а се уште има фирми кои исплаќаат плати по 5 или 10 денари.

Според анализата, заклучно со вторникот, 2730 газди на фирми ги платиле даноците и придонесите, но не исплатиле плата за своите 8600 работници. 5455 компании во кои работат дополнителни 8500 работници воопшто не поднеле пресметки до УЈП, а со тоа не ги платиле ниту давачките кон државата. 

– Вкупно од анализата која ја извршивме за од 1 до 9 месец, 5428 работодавачи доцнеле со реализација на обврските по основ на МПИН-пресметките што треба да ги достават до УЈП, односно во делот на придонеси. Данокот е исплатен на нивната плата. Од нив 1912 имаат доцнење од повеќе од еден месец. Додека 700 даночни обврзници доцнат со реализација од самиот почеток на годината и кај сите тие се преземени соодветни мерки во делот на присилната наплата, вели директорката на УЈП,  Сања Лукаревска. 

Според анализата на УЈП, најголемиот број на компании кои не исплаќале плати се од скопскиот регион. 1.500 фирми кај кои имало проблем со уплатата на придонеси и данок имаат само по 1 вработен. 

Но, има и такви кои имаат голем број на работници. Најголемата фирма која доцни со исплата е скопска компанија од дејноста чистење згради и објекти каде се вработени 378 луѓе, потоа скопска компанија за приватна заштита со 148 работници, Универзитет со 84 вработени и Јавно претпријатие во Виница со 79 работници.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons