Македонски судии и обвинители во Брисел ќе реферираат за подготвеноста на правосудниот систем за влез во ЕУ
Судии, обвинители и претставници од Министерството за правда од утре во Брисел ќе бидат дел од скрининг процесот, најави денеска претседателот на Основниот суд Кавадарци, воедно и професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип, Лазар Нанев.
Прашан како го коментира најновиот извештај на Европската Комисија во кој се наведува дека Македонија генерално има остварено одреден напредок во Поглавјето 23 во однос на минатата година и останува делумно подготвена за спроведување на законадавството на ЕУ и европските стандарди, Нанев со став дека на земјата не и недостасуваат закони, туку инклузивен начин на нивна имплементација.
„Токму за ова прашање, коешто ми го поставивте од утре во Брисел ќе се разговара за Поглавјето 23, бидејќи нашата делегација, судии, обвинители и од Министерството за правда ќе бидат дел од скрининг процесот. Најсериозниот проблем е во делот на имплементацијата на законските решенија. Нам не ни недостигаат закони, ни недостига еден инклузивен начин на имплементација на законите, но и недостига и квалитетен кадар, којшто треба да ги имплементира сите овие закони. Меѓутоа кога се гледа генерално сликата за правосудството клучен проблем се и ресурсите, односно начинот на кој се менаџира генерално правосудниот систем“, вели Нанев.
Во врска со информациите објавени во медиумите со правосудните испити и каде се надостатоците за студенти уште во клупите да размислуваат и наоѓаат начини како да ги изиграт законите, Нанев со одговор дека станува збор за сериозно и комплексно прашање, за коешто треба детална анализа во образовниот систем, но и генерално во целокупниот систем на општеството.
„Неспорно е дека имаме сериозни проблеми во тој дел, недостигот или недореченоста на законската регулатива исто така влијае, но мислам дека човечкиот фактор или онаа би рекол матрица, којашто постои во општеството и генерално самите состојби директно влијаат и се производ на сето она што ни се случува во овој момент“, рече Нанев.
Посочи дека во наредниот период правосудниот систем мора сериозно да се позанимава со квалитетот на законските решенија, коишто се носат.