МакедонијаХроника

МАКЕДОНСКА ГОЛГОТА: Гола ја врзал за дрво во двор и ја снимал, оти го изневерила

„Ти сама си го одбра и ќе си го трпиш, каде гледаше кога го одбра, мислиш дека на некого му е сјајно? И да те удри, ќе помине, ќе му прогледаш низ прсти и ќе продолжиш напред. Мораш…“ Ова се можеби најчестите реченици што ги слушаме од околината како совети кога жена е изложена на семејно насилство, кога ја тепало момчето, сопругот, вонбрачниот сопруг, поранешниот или сегашниот партнер. Осудата од општеството, но и немањето финансиска независност и покрив над главата често се фактори поради кои жртвите на семејно насилство ги трпат ударите и понижувањата. Неретко жртвите се осудувани со тоа дека „сама си го барала“. Но никој, ама никој не е должен да трпи насилство и секој има право на мир. Секој од нас има обврска да пријави семејно насилство ако е негов сведок, а ако институциите имаат доволно докази, лесно би требало да се дојде до правда. 

Габриела Гајдова, судијка од Основниот суд во Велес, го судеше случајот со Пале, првично гонета за убиство на миг, а потоа ослободена од кривична одговорност со образложение дека го сторила во самоодбрана. Пале четири пати го пријавувала семејното насилство, но без одговор од институциите. Без премислување, а врз основа на доказите, Гајдова ја пушти на слобода жената што си го уби невенчаниот сопруг. 

За МКД.мк судијката Гајдова вели дека не може да се сети колкава е највисоката казна изречена за убиство, но посочува два настани што, како што вели, никогаш нема да ги заборави. 

„Во моментот не можам да се сетам која е највисоката казна што сум ја изрекла за кривично дело сторено при вршење семејно насилство, но можам да кажам дека најголем впечаток ми оставиле два настани. Едниот беше за кривично дело телесна повреда од чл. 130 ст.2 в.в. ст.1 од КЗ (при вршење семејно насилство) кога сторителот дознал дека неговата сопруга има вонбрачна врска и поради тоа ја изудирал, ја соблекол гола, ја врзал за оградата на дворот од куќата на нејзините родители и ја снимал со камера. За овие дејствија му беше изречена казна затвор во траење од една година. Вториот случај беше убиство од чл. 123 ст.1 т.2 в.в. чл.19 од КЗ (Обид за убиство при вршење на семејно насилство) кога поранешниот сопруг ја полеа со бензин и ја запали својата поранешна сопруга. Сопругата во текот на постапката не сакаше сторителот да оди во затвор, само бараше да биде оставена на мир. Овој предмет се заврши со казна затвор во траење од 10 години“, појаснува Гајдова за МКД.мк

Она што е клучно при изрекувањето на казната се околностите под кои се одиграл настанот, мотивите на сторителот, неговото однесување по настанот, секако волјата на жртвата, но најмногу, вели Гајдова, се раководи од тоа која казна најдобро ќе ја постигне целта на казнувањето.

Судијката додава дека судот може да утврди дека спрема обвинетиот не е доволно да се изрече условна осуда, но и казната затвор не би ги дала посакуваните резултати. 

„Ова особено кај затворот што трае кратко време, неколку месеци, во кој период осудениот објективно не може да биде подложен на соодветен и доволен третман за негова ресоцијализација и превоспитување и само ќе придонесе кон разјарување на сторителот или, народски кажанo, краткотрајната казна затвор ќе направи поголем зијан од корист. Во тие услови, КЗ дава можност судот да изрече условна осуда со заштитен надзор, што може да има извонредни перспективи како алтернатива на затворот, како ‘средна’ санкција меѓу обичната условна осуда и казната затвор за сторители за кои првата не е доволна, а втората е непотребна. Таква би била, на пример, мерката Посетување на програма за работа со осуденици за кривични дела сторени при вршење семејно насилство. Овие мерки ги спроведуваат стручни лица од службата за пробација. Доколку осудениот не ги почитува мерките на заштитен надзор, условната осуда ќе се отповика и сторителот ќе ја издржи утврдената казна затвор“, појаснува таа.

Повеќе на mkd.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons