Македонија преплавена со увозно млеко
Според светскиот сајт Ворлд топ импортс, Македонија е на 98. место меѓу стоте најголеми увозници на млеко и лани за таа намена се одлеале 28,6 милиони долари, што е зголемување од 32,5 отсто во однос на 2018 година. Во исто време, во 2022 година за увоз на сирење се потрошени 32,3 милиони долари, што земјава ја позиционира на 83. место меѓу стоте најголеми увозници на овој млечен производ
Македонскиот пазар е преплавен со увозно млеко и разни видови жолти сирења (ајдамер и гауда), а кусите рокови за употреба ги урнаа нивните цени по маркетите. Се добива впечаток дека добар дел од вишоците млеко од европските држави се слеале во нашите маркети. Така, деновиве може да се најде литар млеко и по 55 денари, иако само до пред некој месец бевме среќни ако во поевтините супермаркети го најдеме и за 70 денари. Жолтите сирења, пак, се продаваат и по цени пониски од 400 денари за килограм, што е далеку поевтино од домашните кашкавали. Од Националната федерација на фармери велат дека најголема закана за млекопроизводството е немањето работна сила, кое ги тера земјоделците да се откажуваат од своите стада, што е евидентно преку намалувањето на бројот на млечни крави, овци и кози.