Актуелно

Македонија од денеска е претседавач со ОБСЕ 

Македонија од денеска е земја претседавач со ОБСЕ – најголемата безбедносна организација во која членуваат 57 земји и 11 медитерански и азиски земји-партнери на организацијата. Претседавањето се случува во време кога светот повторно се соочува со најголемиот предизвик – воениот конфликт во Украина.. „Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи”, вели министерот Бујар Османи.

Министерот Османи ќе ја презентира програмата на македонското претседавање, пред Постојаниот совет на ОБСЕ , во Виена на 12 јануари.

Токму конфликтот во Украина и намалување на далекусежните последиците од кризата ќе заземат централно место во агендата на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. Мотото на претседавањето ќе биде „За луѓето се работи”, со цел да покажеме дека во суштината на сите големи меѓународни организации и структури лежи потребата да им се олесни животот на обичните луѓе, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи”, истакна Османи.

Обврските за претседавањето за земјава формално започнаа со станувањето дел на тројката претседавачи на ОБСЕ заедно со Шведска, која улогата на претседавач ја вршеше во 2021 година и минатогодишниот претседавач Полска. Министерот Османи како еден од најважните приоритети и во 2022 година ја посочи токму нашата подготовка за претседавање со ОБСЕ и активната улога на земјата како дел од тројката.

„Претседавањето на ОБСЕ ќе ја одбележи идната година. Од 1 јануари ние сме претседавач на најголемата регионална безбедносна организација во светот. Единствена безбедносна организација во која се и САД и Русија и која веројатно ќе има нова улога во новата безбедносна архитектура ако се најде решение по однос на агресијата во Украина“, оцени на годишната средба со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.

На 29-от состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ, што на 1 и 2 декември 2022 година се одржа во Лоѓ, последен во организација на Полска, Османи се осврна на визијата на нашето претседавање во 2023 година.

„Велат, ОБСЕ е на крстопат. Верувам дека вистинската насока напред е да овозможиме ОБСЕ да може да функционира врз основа на својот полн капацитет и подготвеност да испорачува, во корист и поддршка на граѓаните во ОБСЕ регионот. Организацијата да продолжи да и служи на целта за нејзино воспоставување, нудејќи релевантни вредности и принципи како темел на европската кооперативна безбедност, и платформа за дијалог како алатка за превенција и разрешување на конфликти“, посочи Османи.

Тој како посебно важни точки од планираните активности ги наведе и енергетската безбедност и безбедноста на храната и водата.

Тука се и темите поврзани со економијата и животната средина, дигитализацијата, климатските промени, како и тие кои произлегуваат од хуманата димензија на ОБСЕ, со цел зајакната промоција на човековите права и слободи, доброто владеење, родовата еднаквост и младинските политики. 

Ова е прво претседавање на Македонија со ОБСЕ. Првата теренска мисија на ОБСЕ во Скопје беше воспоставена 1992 година со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот. Земјата стана членка на организацијата на 12 октомври 1995 година. Со сите свои активности во текот на веќе 28-годишното членство, државата прерасна од групата земји консументи на помош од оваа организација, во пренесувачи на позитивни искуства и генератори на стабилност.

Секретаријатот на ОБСЕ е во Виена, а организацијата во моментов има 12 теренски операции во Југоисточна Европа, Молдавија и Централна Азија, како и три независни институции: Високиот комесар за национални малцинства, Претставникот за слобода на медиумите и Канцеларијата за Демократски институции и човекови права – ОДИХР.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons