Македонија извлече реми против Швајцарија и го заврши „Жолтиот куп“ без пораз
Ракометната репрезентација на Македонија го заврши настапот на „Жолтиот куп“ без пораз, откако ремизира со домаќинот Швајцарија (29-29) во последното коло.
Сепак, овој резултат беше доволен само за второ место бидејќи домашната селекција имаше подобра гол-разлика. Швајцарците подобро го отворија и решавачкиот дуел во Винтертур. Се одлепија уште од стартот и стекнаа предност од четири гола.
До полувремето нашата селекција имаше повеќе лоши, отколку добри моменти па имаше и негатива од шест гола (16-10). До паузата успеавме да вратиме гол и на одмор се замина со 18-13.
Во продолжението од средбата Македонија заигра подобро. Иако на почетокот Швајцарците го бранеа водството, почнаа доста да грешат. На крајот нашата селекција успеа да се врати во последните десет минути. Првпат беше 26-26, потоа и поведовме минимално. Сепак, на крајот во пол-позиција беа домашните.
Два клучни гола за реми постигна Марко Митев во последната минута од средбата.
Македонија директно од Винтертур ќе патува кон Хернинг, каде што на 16 јануари ќе го одигра првиот натпревар на Европското првенство против Данска.



