Лазаров пред финалето во Европскиот куп: Ќе биде тешко против АЕК, но не и невозможно
Во недела во Атина од 18.00 часот ќе се игра првиот натпревар од финалето во ЕХФ Европскиот куп помеѓу ракометарите на АЕК и Алкалоид.
Играчите на тренерот Кирил Лазаров во добро расположение се упатија кон 700 километри оддалеченото боиште кое ќе биде запишано како историско за клубот.
– Играчите на АЕК се искусни и секогаш одржуваат целосна контрола во текот на натпреварот. Пред нас е тежок предизвик. Во добар ритам, се надевам дека ќе можеме да се држиме против големите фаворити. Ќе биде тешко – но не и невозможно.
Ќе се соочиме со одличен тим со извонредни поединци кои поседуваат огромно играчко искуство. Самиот факт дека имаат 17 интернационалци во својот состав зборува многу. Ќе се стремиме да го покажеме нашиот најдобар настап во финалето – рече Лазаров во интервјуто за Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Реваншот помеѓу двете екипи ќе се игра на 25 мај во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје.