МакедонијаНајново

Криволак е воен полигон од светска класа, оцени амбасадорката на САД Агелер 

Воениот полигон Криволак е од светска класа и одлично е што добро се одржува и осовременува, рече амбасадорката на САД Анџела Агелер, откако заедно со министерката за одбрана Славјанка Петровска присуствуваа на една хеликоптерска вежба на копнените сили на САД при што и самата амбасадорка и домаќинката Петровска „се повозија“ со еден од хеликоптерите. Ниту денеска Агелер не конкретизираше што било поврзано со американската „црна листа“ на која наскоро треба да се најдат и имиња од Македонија поврзани со корупцијата.

„Минатата година овде на Криволак за шест месеци беа одржани 10 вежби со партнери од НАТО, додека нашата армија речиси секој месец има обука или вежба на овој воен полигон“, рече министерката Славјанка Петровска која додаде дека затоа е важна секоја инвестиција и ѝ се заблагодари на амбасадорката на САД Анџела Агелер за помошта од САД, која е, рече, речиси половина од буџетот за македонската армија.

Амбасадорката Агелер рече дека Криволак е полигон од светска класа.

„Сигурна сум дека овој капацитет што го имате е од клучно значење и е доказ дека Министерството за одбрана посветено работи на одржување и осовременување на условите на Криволак. Предностите што војската на САД ги добива од вакви настани на ваков полигон е што се јакне нејзината моќ, но и соработката со армијата и воопшто со државата Северна Македонија“, рече Агелер.

Таа додаде дека денеска можеа да се видат перфомансите на хеликоптерите. Агелер изрази задоволство што и самата влегла во еден од хеликоптерите и се уверила во воената подготвеност.

На новинарско прашање таа потврди дека била утрово кај претседателот Стево Пендаровски заедно со Ричард Нефју од американскиот Стејт Департмент.

„Бев заедно со специјалниот координатор на САД за борба со корупцијата. Тој не е тука за да открива имиња од ‘црна листа’ туку да ги дискутира протоколите околу прашањето на корупцијата. Тој е добар сојузник и промотор на антикорупциските процеси“, рече Агелер.

Амбасадорката и денеска не одговори директно на новинарското прашање кои се тие „едно – две – три имиња“ од Македонија што наскоро ќе се најдат на американската црна листа, нагласувајќи дека постојат повеќе различни листи поврзани со корупцијата и дека таквата потврда може да дојде само од Вашингтон директно, а не од неа.

Министерката Петровсвка во врска со хибридните закани и последната средба со заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици Џејмс Апатураи, рече:

Претставник на НАТО Алијансата дојде за да ја скенира ситуацијата и состојбата со капацитетите на институциите кои се вклучени во борбата против хибридните закани. Веќе се разговара со која од земјите членки на Алијансата ќе развиеме подетална билатерална соработка за адресирање на ова прашање“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons