Кои се најпосетуваните театри во Македонија? Ќе се изненадите!
Театрите во Тетово и во Ѓорче Петров се единствени во кои на секоја претстава во просек имало 200 или повеќе гледачи. Во апсолутни бројки театарската сезона 2021-2022 година во 18 македонски професионални театри биле поставени 139 изведби. Вкупно 787 професионални уметници (актери) изиграле 965 претстави на кои ракоплескале над 157.000 гледачи! По сите параметри македонските театри во сезоната 2021-2022 одработиле три пати подобро од претходната 2020-2021 театарска сезона
Дали е Македонија театарска земја? На ова прашање ќе добиете различни одговори кои зависат од перцепцијата, локацијата, образованието и статусот во општеството.
А еве што покажуваат фактите од најрелевантната државна институција чија основна дејност е будно, континуирано и прецизно да ги бележи општествените случувања низ призмата на бројките. Државниот завод за статистика прибрал и обработил официјални податоци кои покажуваат декаво театарската сезона 2021-2022 година вкупно 157.393 лица биле театарска публика на 965 претстави.
Да, во Македонија работат 18 професионални театри на чии штици што живот значат публиката ја анимираат 787 артисти или народски кажано глумци.
Е сега овие бројки се импозантни во однос на претходната театарска сезона која беше можеби и најслабата заради корона кризата и бројните рестрикции заради кои долго време беа надвор од функција и нашите театри.
Во сезоната 2020 -2021 година реализирале 308 претстави на кои биле присутни 31.165 гледачи.
Кои се македонски професионални театри со најпосетени претстави?
Единствен македонски професионален театар што имал просечна посетеност поголема од 200 гледачи бил тетовскиот театар. Просечно неговите претстави ги гледале 204 лица. Втор театар кој бил на границата од просечно 200 посетители по претстава е професионалниот ансамбл од Ѓорче Петров.
Следуваат прилепскиот театар со просечна посетеност од 193 лица по престава пред четирите театри во скопски Центар каде просечната посетеност на претстава е 177 лица. Близу е и кумановскиот театар со 171 посетител на претстава, по што следи велешкиот театар со просек од 125 лица на претстава. Рамо до рамо со велешкиот е и просекот на двата битолски театри. Театрот Карпош кој е рекордер по број на претстави (114) и по број на изведени дела (13) имал просечна посетеност по претстава од 111 гледачи. Следи струмичкиот театар со 109 гледачи.
Под 100 гледачи просечно оваа сезона биле театрите во Штип (82), Чаир (79), Гостивар (62) и најслабо посетен е охридскиот театар со 50 гледачи по претстава.
Повеќе детаи се достапни на следниот линк https://www.stat.gov.mk/pdf/2022/2.1.22.37_mk.pdf
Според официјалните податоци на Министерството за финансии (Буџет за 2022 година) за плати на вработени во драмска дејност од Министерството за култура се префрлени 4,5 милиони евра и уште 1,7 милиони евра за придонеси. Според податоците на ДЗС 18 професионални театри вработуваат 1.357 лица од кои 787 се уметници.