И годинава почна во магла и смог, загадувањето останува горлив проблем
Густата магла синоќа не ги поколеба Скопјани во голем број да се соберат на плоштадот Македонија и на скромната бина, покрај елката, единственото украсено и осветлено место на плоштадот да ја пречекаат новата 2023 година.
Многу од присутните носеа маски, зошто се чувствуваше загаденоста на воздухот и без да се погледнат бројките од мерните станици низ градот.
Во Скопје околу полноќ воздухот беше над максимално дозволените граници, покажаа сите мерни станици во главниот град. Во Центарот на Скопје на полноќ имаше регистрирано најголема концентрација на ПМ10 честички (152), а во Ѓорче Петров имаше 120 и во Лисиче 116. Според податоците на skopje.pulse.eco на полноќ биле регистрирани просечни 237 микрограми на, метар кубен ПМ10 честички во Скопје, а на мерната станица во Маџир Маало биле регистрирани преку 1.200 микрограми на метар кубен ПМ10 честички.
И покрај густата магла и смогот беше неверојатно раздвижено низ центарот на Скопје, но отсуствуваше весела новогодишна атмосфера и во околните кафулиња кои не им понудија никаква забава плус со жива музика на граѓаните од главниот град, па ноќта помина како што е вообичаено во текот на викендите.
Веројатно расположението се „потроши“ во текот на претходните десетина и повеќе денови кога компании и колеги си ги славеа успеси во годината која изминува. Од маглата не се гледаше ниту скромниот огномет на полноќ, а петардите и другата пиротехника дополнително го зачадија централното градско подрачје.