МакедонијаНајново

Историската комисија за историски и образовни прашања доби на значење 

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија во 2022 година ја интензивираше работата, a по потпишувањето на вториот билатерален Протокол и усвојувањето на т.н. француски предлог, кои го отворија патот на земјава за почеток на пристапните преговори со ЕУ, работата на Комисијата доби на значење. Со Протоколот, двете држави ја охрабруваат Комисијата да ја забрза својата работа и да се постигнат јасни резултати, во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот од 2017.

Нејзината работа и минатата година се следеше со посебен интерес од јавноста, особено стручната. Членовите се пожалија дека нивната работа често била мета на манипулација, на паушални и неаргументирани заклучоци со цел да бидат злоупотребени, како и за свесно инструментализирање на нејзината работа заради остварување на политички цели.

Според аналитичари, предизвик за Комисијата, пред се, за македонскиот тим, и понатаму останува решавањето на отворените прашања што произлегуваат од различните погледи за минатото и како тоа да се постигне на еден современ начин кој подразбира мултиперспективност и меѓусебно почитување.

Интензивирањето на темпото на работа на историчарите, минатата година, следеше како резултат на новиот ентузијазам во билатераните односи меѓу двете земји и зајакнатиот политички дијалог по изборот на новата Влада во Софија (13 декември 2021) предводена од Кирил Петков.

Одржани се шест средби на историчарите од двете земји, а усвоени се две групи препораки – за заедничко одбележување историски личности и за корекции во дел од учебниците, како резултат на досегашната работа на Комисијата

Календарот и динамиката на средбите на Историската комисија во 2022 година беа договорени од копретседавачите од македонска и бугарска страна, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, на состанок што го одржаа во рамките на заедничката седница на владите на двете земји на почетокот од минатата година (25 јануари), а во консултација со членовите на Комисијата.

Првата средба во 2022 година Историската комисија ја одржа во Софија на 24 и 25 февруари. Во заедничкото соопштение по средбата, беше посочено дека таа поминала во конструктивна и отворена атмосфера и дека бил постигнат одреден напредок, но без конкретни детали.

Следеше средбата на 31 март и 1 април во Скопје, на чиј дневен ред беа забелешките дадени од бугарската страна за средновековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шесто одделение. И оваа средба поминала во позитивна атмосфера, оцени тогаш Ѓеоргиев.

Наредната средба се одржа на 12 и 13 мај во Софија, а во дискусиите кои се воделе биле разменети неколку предлог идеи за препораки за учебниците од основно образование кои се однесуваат на средновековниот и раноосманлискиот период.

На 17 јули 2022 година беше потпишан вториот Протокол за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија и усвоен е т.н. „францускиот предлог“, со што беше предвидено дека во рок од еден месец двете држави треба да ги објават веќе усвоените препораки од досегашната работа на Историско-образовната комисија. Тоа се усогласените препораки за заедничко одбележување на Св. Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и цар Самуил и по пет препораки за учебниците по историја за 5. клас во Бугарија и за 6. одделение во Северна Македонија, кои се однесуваат на периодот на антиката. Препораките потоа беа усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство и во исто време,  министерствата за надворешни работи на двете земји на 15 август ги објавија на своите официјални интернет-страници.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons