Македонија

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучува за предлогот за референдум

ВМРО-ДПМНЕ вечер од 18 часот ќе има седница на Извршниот комитет за донесување одлука за предлогот за референдумско изјаснување во врска со Преговарачката рамка и уставните измени побарани од Бугарија за да отпочнат преговорите на нашата земја со ЕУ. Неофицијално прашањето на референдумот ќе биде „Дали сте за прекинување или поништување на договорот со Бугарија“, а дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки ќе се решава вечер. 

-Размислувањата во ВМРО-ДПМНЕ, за кои ќе се дискутира на вечерашниот Извршен комитет, се на референдумот да се побара престанок на важноста на овој договор со кој  ќе се постават фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија. До таквиот референдум би се дошло преку собирање граѓански потписи, а на иницијативата први потпишани ќе биде раководството на ВМРО-ДПМНЕ. По собирањето на квалификуваните најмалку потребни 100 потписи, ќе пристапи кон собирање на 150 илјади потписи од граѓаните, рече Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.

Додаде дека пречка за ВМРО-ДПМНЕ е членот 5 од Преговарачка рамка, кој се потпира на протоколот кој, пак, како што рече, ги содржи сите спорни делови од Договорот за пријателство, добрососедство, и соработка од 2017 година.

-Оттука, изворот и коренот на проблемите се наоѓа токму во овој договор кој поставува фундамент на бугарските позиции од кој подоцна произлегува и преговарачката рамка и членот 5. Мора да потенцираме дека ВМРО-ДПМНЕ не ги спори и ги поддржува аспирациите за интегрирање на Македонија во ЕУ, но она што е неприфатливо за бугарските барања, тоа е промената на историјата, идентитетот, јазикот и културата, рече Митева.

Посочи дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски отворил процес на широки консултации – биле консултирани внатрешните органи на партијата, повеќе професори и експерти по уставно право, академската јавност и коалициските партии и дека добил поддршка за иницијативата.

-Како гаранција дека уставните измени нема да се случат остануваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, додаде Митева.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons