Избрани компаниите кои ќе ја градат пругата кон Бугарија за 600 милиони евра
Македонси железници – Инфраструктура и меѓународниот кредитор ги избрале компаниите кои железнички ќе го поврзат Коридорот 8 со границата на Бугарија. Од јавното претпријатие велат дека операторите се избрани, но за да бидат објавени за тоа прво треба да се огласи финансиерот, во случајот Европската банка за обнова и развој, откако ќе се потпишат договорите.
„Во врска со вашето прашање дали се избрани компаниите за изградба на двете делници на железничката пруга на Коридор 8, потврдуваме дека се веќе избрани компаниите, но е во тек одобрувањето на драфт договорите од ЕБОР, т.е доделувањето на договорите за Изведувач на работите. Откако ќе бидат доделени договорите, ЕБОР веднаш тоа го објавува на својата веб страна“, ни потврдија од МЖ – инфраструктура.
Според информациите на „Фактор“, кандидат за главен изведувач на работите е австриската градежна компанија Страбаг која регистрираше нова подружница во земјата со дејност – изградба на железници. Страбаг своевремено ја градеше и пругата од Битола до Кременица.
Директорот Хари Локвенец рече дека имињата официјално ќе бидат потврдени кога ќе се потпишат договорите за најмногу две недели. Прифатена е најниската понудена цена, а ќе има посебни договори за секоја од трите фази на изградба.
Веќе беше најавено дека градежните работи на пругата кон Бугарија продолжуваат од крајот на јуни и дека најавените рокови се почитуваат. Новите очекувања се дека железничкото поврзување на Скопје и Софија ќе се случи во 2027 година.Двете фази на кои прво ќе се работи се делниците Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка, а третата фаза е до самата граница.Со тоа треба да продолжат запрените активности на правата делница, проектирана во должина од 31 километар, а на која се завршени 54 проценти од работата и да стартуваат на втората, која е долга 34 километри. И за двете делници е заокружена финансиската конструкција.
Трите фази, според претходните најави од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, ќе чинат 600 милиони евра за овој комплексен проект чија финансиска конструкција генерално е обезбедена од меѓународни кредити и грантови.
– За првите две фази сакаме да распишеме еден тендер и притоа да избереме изведувач. Посакуваме тоа да биде силен изведувач којшто ќе може да се зафати и да ги работи овие работи. Се работи за комплексна пруга. Само за втората и третата делница треба да бидат изградени 91 мост и 32 тунели. Самиот граничен премин се наоѓа во тунелот. Се работи за сериозен проект од околу 600 милиони евра коишто треба да бидат наш приоритет и во наредниот период, пред се, и за развојот на добрососедските односи и за развој на инфраструктурата, наведе Бочварски пред две години.