За несреќата кај Ласкарци се чека супервештачење 315 дена
Коалиција за правично судење објави дека Бирото за судски вештачење 315 дена нема изработено супер вештачење побарано од судот за автобуската несреќа кај Ласкарци кога автобус на Дурмо турс излета од автопатот Скопје-Тетово и загинаа 16 патници.
Бројките се однесуваат на денови од барањето на супервештачењето до сега. Во трагедијата обвинети се сопственици и раководители на фирмата и на станицата за технички преглед поради менување на податоци за автобусот кои придонеле неисправен автобус да сообраќа и превезува патници.
Судот по барање на дел од обвинетите побара собраќајно супервештачење на 11-ти ноември лани по што процесот е во прекин речиси цела година. Несреќата се случи пред повеќе од 3 и пол години (февруари 2019-та година) и досега нема никаква одговорност за жртвите. Обвинет е и возачот кој ја преживеа несреќата.
Супервештачење се врши по барање на судот откако двете вештачења на обвинителството и на одбраната нема да му овозможат на судечкиот совет да ги утврди целосно фактите или се крајно спротивставени. Во законот нема определен рок за изработка, туку е предвидено тоа да се стори во најкус можен рок.
Со барање и неизработување на супервештачење се одолговлекува постапката во суд која може да доведе до застарување на делото и до неефикасна правда за жртвите и оштетените во кривичните дела. Тоа е видливо особено со случајот со несреќата кај Ласкарци.