Епидемијата со голема кашлица не стивнува
Нов бран на заразени со голема кашлица. Ако неколку недели имаше намалување на новодијагностицирани, последните седум дена за три пати е зголемен бројот на случаи со пертусис во спроедба со претходниот извештај на Инситутот за јавно здравје.
Од 44-те заболени кои се потврдени во периодот од 10 до 16 мај, најмалиот пациент е тримесечно бебе а најстариот е на 77 години. Дури 39 се во Скопје, 4 во Куманово и еден во Прилеп.
И покрај апелите на лекарите, се уште има над 10 000 деца во државата кои не се целосно имунизирани со ДиТеПер. Многу примија пропуштени дози за да можат да одат во градинка, но голем број се уште не ги пополниле празните графи во календарот за имунизација.
Дека опфатот со вакцинација не е задоволителен покажуваат и бројките од над 590 потврдени случаи досега со голема кашлица. Од нив повеќе од 60 проценти не се комплетно зашитени од пертусис.
Освен Скопје каде епидемија беше прогласена во февруари и Куманово со епидемија од почетокот на април, голема кашлица има уште во 17 други градови.
Во меѓувреме, вакцина против пертусис има и за возрасни која лекарите особено ја препорачуваат за трудници во третиот триместар. Но досега во Скопскиот центар за јавно здравје аплицирале само 10 дози на ДиТеПер кај бремени жени.