Гир: Проблемот е во системот на администрацијата и во партизацијата, не толку во вработените
„Сите ги знаеме сервисите што не функционираат, но исто така и дека има многу јавни службеници што работата посветено и напорно, а кои сакаат да видат подобар систем. Проблем е системот и тоа е тоа што сметам дека може да се надмине со новата Стратегија за реформа на јавната администрација (2023 – 2030). Се надевам, дека не само оваа влада, туку и следните влади, ќе го гледаат ова како надпартиско и дека резултатите се исклучиво во интерес на граѓаните и тоа државата да има јавна служба како што заслужува“, изјави амбасадорот на ЕУ Дејви Гир на промоцијата на стратегијата. „Стратегијата има за цел подобрување на услугите но и подготовка на Македонија за членство во ЕУ“, рече министерот за администрација Азир Алиу.
Амбасадорот оцени дека реформите во администрацијата се една од клучните точки на патот на земјава кон ЕУ.
„Стратегиите се онолку добри, колку што е нивната имплементација“, рече Гир и укажа дека во Собранието уште се чека да поминат разни закони кои се однесуваат на највисокиот ешалон на јавната администрација, а се особено се важни за компетитивна, професионална и високо квалитетна јавна служба.
Како земјата напредува кон Европската Унија, така и се отвораат фондови и средства, за чие користење, според Гир, администрацијата има клучна улога, бидејќи нивното искористување зависи од нејзиниот капацитет за планирање, менаџирање и покажување одговорност.
„Мислам дека знаеме дека сегашната состојба е многу далеку од тоа. Да има напредок, но се уште има големи предизвици, во човечки капацитети, транспарентност и одговорност. Често политичките партии се мешаат во именувањата, што значи дека политичкиот фактор е поважен од заслугите или компетенциите. И секако, многу често комплицираната средина резултира со несоодветна меѓувладина и меѓуинституционална соработка. Ова, секако се предизвици, кои не се само на вашата земја. Не сте единствени, ова се предизвици со кои се соочуваат многу земји низ светот“, изјави Гир.
Многу често, според Гир, лекциите не се учат, иако има многу добри извештаи како од државните ревизори и ДКСК, кои содржат многу препораки за подобрување.
Министерот за администрација и информатичко општество Азир Алиу рече дека стратегија има за цел подобрување на услугите но и подготовка на Македонија за членство во ЕУ.
„Со оваа Стратегија и акциски план се поврзани неколку закони. Ние веќе работиме и се во фаза во владина процедура. Очекуваме до крајот на наредниот месец истите да бидат и во процедура во Собрание. Без промена на тие закони, и без креирање на нови кои што се поврзани со реформа на јавната администрација, таа стратегија, тој акциски план, нема да може да биде реализиран“, рече министерот кој истакна дека целта е до 2027 година јавната администрација да биде целосно дигитализирана.
Министерот појасни дека целта и на Стратегијата и на законите е да се оптимизира јавната администрација и институциите истовремено.
„Нашите граѓани да одат во една точка за услуги и таму да ги добиваат сите сервиси. Ние затоа работиме интензивно и со поштите, за да може 333 точки на ниво на државата веќе од наредниот месец да почнеме да ги отвораме, и граѓаните кои немаат доволно знаење за дигитални вештини, да може од таму да ги добиваат“, рече тој.
Во однос на инфраструктурата за спроведувањето на стратегијата, министерот рече дека се изработува закон за високо раководна функција каде што за првпат во нашата држава ќе имаме инфраструктура и методологија како може да стигнете од граѓанин на државата, до раководител, до директор на некоја институција.
„Ценам дека со таков пристап, кога веќе имате менаџер на институција кој што е експерт и знае да менаџира со процесите, тој исто така ќе знае професионално да менаџира и со институциите. Исто така процедурата и формите на трансформација на дигитална трансформација на процесите во јавната администрација ќе придонесат и во овој дел. Значи ние ќе знаеме од моментот кога некој е дел од јавната администрација, како влегол таму, како ракува со процесите кои што се надлежност на тој администратор. Јас верувам дека само дигитализацијата може овие процеси да ги убрза“, рече министерот Алиу..