Свет

Германски војници повторно во БиХ поради страв од нестабилност 

Германија распореди трупи во рамки на мировната мисија на Европската Унија во Босна и Херцеговина за првпат во последните десет години додека расте стравот дека нестабилноста предизвикана од војната во Украина би можела да се прошири на Западен Балкан.

Првите германски војници кои се вратија во БиХ беа пречекани со церемонија во седиштето на Еуфор во Сараево со што беше одбележан почетокот на нивната мисија, соопшти портпаролот на германската војска.

Германија ќе распореди вкупно 30 војници во БиХ до средината на септември, враќајќи се на бројот на трупи кои ги имаше на крајот на 2012.

Ројтерс оценува дека БиХ е стотици километри оддалечена од конфликтот во Украина, но е соочена со сè поагресивно сепаратистичко движење на босанските Срби за кое западните аналитичари тврдат дека во најмала рака тивко ја поддржува Москва.

НАТО и високи претставници на Европската Унија предупредија дека нестабилноста од војната во Украина може да се прошири на Западниот Балкан.

Само неколку дена по почетокот на руската специјална операција, ЕУ одлучи речиси да го удвои бројот на припадниците во рамки на мировните сили од 600 на 1.100 и испрати резервни сили за да спречи потенцијална нестабилност.

За време на посетата на Нови Град на северот на земјата, лидерот на босанските Срби Милорад Додик кажа дека германските војници не се добредојдени, алудирајќи на улогата на Германија во Втората светска војна.

Додик претходно кажа дека жали поради тоа што како член на Претседателството на БиХ се согласил на продолжување на мандатот на Еуфор.

Мандатот на Еуфор истекува во ноември и Советот за безбедност на Обединетите нации треба да одлучи дали да го продолжи на уште една година. Западот е загрижен дека Москва би можела да го употреби правото на вето за да спречи договор.

Руската амбасада во БиХ во соопштение на нивниот сајт ги отфрли „неприфатливите референци“ за влијанието на настаните во Украина на ситуацијата во Босна и Херцеговина и наведе дека самиот Еуфор ја опиша ситуацијата како мирна и стабилна во последниот извештај во Советот за безбедност на ОН.

„Наративот за потреба од ширење на воениот персонал на Еуфор, вклучувајќи ги германските трупи, е неоснован“, се наведува во соопштението. Се додава и дека одделни западни држави, пред сè САД и Британија, подготвуваат терен за „претстојна натоизација“ на Босна и Херцеговина.

Еуфор ги замени трупите на НАТО во БиХ во 2004 година со цел стабилизирање на земјата по војната во 1990-тите во која настрадаа над 100.000 луѓе.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons