Вработените во Фондот за здравство ќе стапат во генерален штрајк
Синдикалната организација на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе ја активира одлуката за штрајк донесена на 16 ноември 2023 година, доколку на утрешната седница на Управниот одбор на ФЗО биде донесена одлука со која ќе се намалат платите на вработените како што тоа го бара Владата и Министерство за финансии, соопштија денеска од Синдикат на УПОЗ.
Во соопштението се повикуваат членовите на Управниот одбор и директорите на ФЗО „да не ги доведат граѓаните во ситуација во која нема да можат да остварат ниту едно право од здравствено осигурување, бидејќи, како што се вели, доколку започне штрајкот ниту еден вработен нема да извршува работни задачи по никоја цена“.
Синдикалната организација на ФЗО при Синдикатот на УПОЗ, се појаснува во соопштението, во преговори со раководството и Управниот одбор на ФЗО на 25 јули 2023, постигнаа договор за покачување на платите на вработените во Фондот во висина од 15 проценти во неколку фази.
„Ова покачување се пролонгираше сѐ до месец декември 2023 година, кога за прв пат беше исплатено на вработените, за да можат вработените во ФЗО да се усогласат со платите со сродните институции. И покрај постигнатиот договор, Владата, излегувајќи надвор од своите надлежности и спротивно на законските норми, на седница одржана на 9 јануари 2024 година, донела Заклучок со која му препорачува на Управниот одбор на ФЗОМ да ги намали платите на вработените и тоа во висина од 21 процент. Доколку Управниот одбор на ФЗО го испочитува ваквиот заклучок на Владата и ги намали платите на вработените, голем дел од вработените ќе ги доведе до состојба да имаат плата под минималната и не само што ќе го прекрши Законот за минимална плата, Општиот колективен договор за Јавен сектор и Законот за здравствено осигурување, туку сите членови на Управниот одбор ќе сносат и кривична одговорност“, се наведува во соопштението од Синдикатот на УПОЗ.
Се додава дека просечната бруто плата по вработен во ФЗО е пониска од сите сродни институции, министерствата и администрацијата во здравството и сите објаснувања кои ги дава Владата и Министерството за финансии дека не постојат средства за исплата на платите, се нелогични бидејќи во Буџетот на ФЗО има резерва од 1.6 милијарди денари, што е повеќе од доволно за исплата на платите со договореното покачување од 15 проценти“, пишува во соопштението.
„Буџетот на ФЗО е издвоен од централниот буџет, средствата за плати се предвидуваат од Буџетот на ФЗО и никогаш до сега немало ваков проблем и вакво мешање во работата на Фондот од страна на Владата и Министерството за финансии“, соопштија денеска од Синдикатот на УПОЗ.