Во странски центри на лекување се 44-ца повредени во пожарот во клубот во Кочани
Вчера уште еден повреден во пожарот во клубот во Кочани кој беше испратен на лекување во Ниш во подобрена состојба се врати во Македонија. Според информациите од министерството за здравство тој е згрижен во Клиниката за хируршки болести “Св. Наум Охридски” каде ќе остане хоспитализиран уште неколку дена. Во странските центри остануваат 44-ца пациенти, двајца се уште се во потешка состојба.
Професорката Срцева од здравствениот кризен штаб вели дека повредените кои се во странство и на интензивна нега, покрај медицинскиот третман добиваат и респираторна рехабилитација поради вдишаниот чад и приклучувањето на апарати за дишење.
– Како анестезиолог интензивист она што можам да го кажам е дека таа респираторна физикална терапија се остварува дури и во единиците за интензивно лекување и од неколку центри имаме најава дека тие ја спроведуваат адекватно во однос на светските стандарди. Станува збор за мултидисциплинарен пристап кој покрај медицински лица, сестри и анестезиолог вклучува и посебно физиотерапевт и респираторен физиотерапевт со цел да се подобри и функцијата на белите дробови и да се спречат долгорочни последици кои можат да настанат од вдишувањето на штетните материи, вели проф. д-р Марија Јовановски Срцева, специјалист Анестезиолог и директор на ТОАРИЛУЦ.
Респираторна рехабилитација според професорката се спроведува и кај пациентите кои се интубирани и приклучени на механичка вентилација.
– Тоа во една насока подразбира и поместување на пациентот од една лежечка положба во друга лежечка положба, физикална од типот на стварање на вибрации кон белиот дроб со цел штоп побргу да се извади секретот кој е настанат заради инфекцијата, машината односно респираторната подршка која ја добиваат од вентилатор и секако аспирација и дополнителен кислород. Таа фиузикална не мора да биде поврзана само со екстубација, меѓутоа после екстубацијата е поинтензивна и во зависност од повредите треба да се почне со работа со пациентот, станување, движење, посебни дишни вежби кои се изведуваат со пациентите кои се надвор од механичка вентилација, објаснува професорката Срцева.
Според најавите од здравствените власти целокупната рехабилитација кај голем дел од повредените ќе трае од 6 месеци до 2 години.
Во големата трагедија во Кочани починаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Повеќе од 100 млади луѓе беа испратени на лекување во 22 европски држави.