Во крушевската гимназија се запишале само 24 ученици
Преселбата во поголемите градови но и надвор од границите на Македонија, му задава сериозни проблеми на градот Крушево години наназад.
Бројот на жители во градот постепено се намалува, а овој удар го чувствува и гимназијата „Наум Наумовски – Борче“ .
За новата учебна година се запишале само 24 ученици, бројка која е поразителна и сериозно загрижувачка. Десет се запишале во насоката „општа гимназија“, пет во „угостителско-туристички техничар“ и деветмина ќе изучуваат за готвачи.
Директорката на гимназијата, Снежана Миленкоска не го криеше разочарувањето од ваквата ситуација, но се надева дека во иднина тоа ќе се промени.
„Бројките загрижуваат многу, се стекнува впечаток дека малите градови не им се атрактивни на учениците за да го продолжат таму своето образование. Огромен дел од полуматурантите од Крушево заминаа да учат во други градови од околината“, вели таа.
На крајот на месец мај гимназијата имаше свој отворен ден кога ја посетиле повеќе од 350 полуматуранти од околните градови и села.
„Се обидовме да оставиме добар впечаток на идните средношколци. Но, ситуацијата е таква каква што е. Истото се случува и со помалите градови од источниот дел на Македонија. Во контакт сум со многу директори, ситуацијата е лоша“, додава Миленкоска.
Директорката се надева дека ваквата состојба ќе се промени, а тоа според неа, може да се случи со еден потег.
„Треба да чекаме со закон да се намали бројот на ученици во една паралелка. Колку е помала паралелката, толку подобро. Така учениците повеќе ќе научат, отколку да бидат по повеќе од 30 деца во еден клас“, го заврши разговорот Миленкоска.
Според последниот попис направен во 2021 година, во Општина Крушево живеат 8.385 жители, што е за 1.299 лица помалку во однос на пописот кој се одржа во 2002 година.