Возење под дејство на алкохол и над дозволеното ќе се казнува и со затвор до три години
Возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,50г/промили во крвта или пак под дејство на дроги и психотропни супстанци, возењето во забранет правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина ако досега се казнуваше прекршочно, со новите предлог измени во кривичниот законик се планира да се казнува како кривично дело.
Ова меѓудругото се предвидува со новиот член 403, каде практично се вметнува ново кривично дело кое ќе гласи „Безобѕирно управување со моторно возило“, а за истото се предлагаат парични казни или казна затвор до три години.
За РСЕ од министерството за правда информирале дека за ова ново кривично дело се предлага сторителот да се казни со парична казна или затвор од три години. Според она што велат од правда е дека досега во Кривичниот законик не постоело ова дело, а наведените дејствија на извршување се пропишани како прекшоци и други прописи.
Од РСБСП за „Слободен печат“ велат дека со новите измени ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.
– Постојат три загрижувачки работи при сообраќајните прекршоци. Тоа се возење под дејство на алкохол, возење со неприлагодена брзина и непочитување на прописите и сообраќајната сигнализација се најголеми прекршоци и оттаму за нив не може само превентивно да се реагира туку мора и репресивно, бидејќи резултатот од непочитувањето на овие мерки честопати е кобен – велат од РСБСП.
Во меѓувреме дневните билтени на МВР се полни со извештаи и информации за сообраќајни незгоди кои се направени токму од непочитувачите на овие прописи. Иако последниве години особено за време на пандемијата се бележи намалување на бројката, сепак таа според МВР е далеку од задоволителна.
Инаку измените во предложениот Кривичен законик, кој веќе е објавен на ЕНЕР, треба да бидат предмет на расправа, а донесувањето на законот се очекува да биде до крајот на годинава.