ВИП гостите во Палермо сепак летале гратис, а добиле и бесплатни влезници
Министерот за правда Никола Тупанчевски, обвинителката Фатиме Фетаи, судијата Лазар Нанев, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески и поранешниот премиер Владо Бучковски сепак на фудбалскиот натпревар во Палермо меѓу Македонија и Италија летале гратис, односно на трошок на Фудбалската федерација. И Тупанчевски и Фетаи цело време изјавуваа дека трошоците за престојот во Палермо ги платиле од приватна сметка. Гратис биле и влезниците во ложата на стадионот.
И покрај тоа што ветија, денеска само Фетаи објави дека за престојот во Палермо од своја сметка платила 24.000 денари за хотелските трошоци. За авионскиот транспорт и за влезницата на натпреварот се погрижија од ФФМ.
Најверојатно истиот „аранжман“ важел и за Тупанчевски, Нанев, за Бучковски со двата сина, Мерко и Бакрачевски, пишува МКД.мк.
Иако од Министерството за правда вчера ветија дека денеска ќе бидат објавени платените фактури за престојот на Тупанчевски во Палермо, тоа јавноста денеска не го виде. Од Тупанчевски ја знаеме само изјавата дадена за неколку медиуми дека во Италија бил на свој трошок.