Активно работиме на цевководот кај мостот Беласица, граѓаните ќе имаат парно на 15 октомври, велат од ЕСМ
ЕСМ соопшти дека во текот на изминатите недели активно работи на решение за проблемот со цевководот кај мостот Беласица, кој е од суштинска важност за парното греење во Град Скопје.
„Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови. Бидејќи мостот е под надлежност на Град Скопје, АД ЕСМ е во постојана комуникација со нив, каде се бара заедничко решение за санирање на овој проблем. Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите.
Минатата грејна сезона кога сите кренаа раце и избегаа од одговорност, АД ЕСМ по задолжение од Владата го презеде и овој товар. Доколку АД ЕСМ не ја менаџираше кризата со топлинска енергија во градот Скопје, иако се работи за комунална дејност и обврска на општините, тогаш граѓаните во градот Скопје ќе се грееја на струја и можеби ќе крахираше електроенергетскиот систем во целата држава“ соопштија од компанијата.
Оттаму изразуваат голема благодарност до сите граѓани за нивното трпение и разбирање кои можеби ги засегна овој инцидент со мостот и парното греење.
Сепак уверуваат дека цевководот ќе биде целосно функционален и согласно законската обврска на 15 октомври, ќе се обезбеди непрекинато парно греење за граѓаните на Скопје.