Џонсон: ЕУ има за цел да ја подели Велика Британија

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ја обвини Европската унија дека му се заканува на територијалниот интегритет на Велика Британија, повикувајќи ги пратениците да го поддржат новиот предлог-закон, за кој ЕУ смета дека го крши меѓународното право.

Владата на Џонсон отворено призна дека предлог-законот за внатрешниот пазар на Обединетото Кралство, доколку биде усвоен, ќе го наруши договорот за раздружување што беше потпишан со Брисел. Овој потег предизвика бура дури и во редовите на неговата конзервативна партија, а бесните европратеници го повикаа Лондон да го повлече законот до крајот на овој месец или во спротивно му се заканија со правни дејствија.

Според договорот за Брегзит, ЕУ ќе продолжи да има трговија со Северна Ирска, која ќе биде единствената копнена граница на Велика Британија со Унијата по 31 декември. Овој потег беше направен за да се осигура дека границата со Ирска, членка на ЕУ, ќе остане отворена – клучен дел од мировниот договор од 1998 година, со кој се стави крај на 30-годишното насилство против британското владеење на островот.

Џонсон меѓутоа изјави дека примената на правилата за трговија со ЕУ се заканува да им наметне повисоки царини на одредени стоки наменети за провинцијата од остатокот на континентална Британија.

-Ова е неразумно и јавно му противречи на духот на Северноирскиот протокол со Договорот за раздружување, рече Џонсон.

„Тие (ЕУ) се закануваат со градење царински граници во нашата земја, да ја поделат нашата сопствена земја, да ја сменат самата економска географија на Обединетото Кралство и грубо да ја прекршат сопствената обврска според член 4 од Протоколот, според кој Северна Ирска е дел од царинската територија на Велика Британија“, додаде Џонсон.

-Не можеме да си дозволиме ситуација во која самите граници на нашата земја се определени од странска сила или меѓународна организација. Ниту еден британски премиер, ниту една влада, ниту еден парламент не можеше да прифати такво наметнување., додаде тој.

Џонсон предложениот закон го опиша како „правна заштитничка мрежа“ која на министрите им дава надлежности да „ ја гарантираат целовитоста на Обединетото Кралство“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons