Уставниот суд остана со пет судии, заврши мандатот на уште еден член

На уставниот судија Јован Јосифовски денеска му завршува деветгодишниот мандат, информира Уставниот суд. Со завршувањето на мандатот на Јосифовски, Уставниот суд останува да функционира со пет судии, од вкупно девет предвидени со Уставот. 

Тој е избран за судија на Уставниот суд на 24 декември 2012 година, а неговиот работен однос почна на 14 јануари 2013 година. Судијата Јосифовски даде придонес со своето активно учество во работата на Судот и во изминатите девет години му беа доделени 228 предмети, соопшти Уставниот суд. 

Претседателката Добрила Кацарска на крајот на декември апелираше да се комплетира судот бидејки не можат да гласаат закони за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Таа на прес-конференција предупреди дека со неизбирањето на нови судии ќе се предизвика дисбаланс меѓу евентуалниот напад врз уставниот поредок и заштитата на истиот од страна на судот.

Во име на Уставот и неговото бескомпромисно почитување и штитење барам и апелирам до Собранието да се изберат нови уставни судии затоа што во прашање ќе го доведат легитимитетот на идните одлуки, но секако и квалитетот, а особено довербата на граѓаните во Уставниот суд што следствено значи губење на доверба во правниот систем, нагласи Кацарска.

За да има одлука, посочи, потребни се најмалку петмина судии, но никој не може да грантира дека сите петмина ќе бидат едногласни во одлуките, а и не е правило затоа што квалитетните одлуки се засновани врз дебата, различни мислења и толкувања.

Сериозна ќе биде состојбата доколку судот биде доведен да одлучува во неколку исклучителни ситуации за кои е нужно дво-третинско мнозинство, односно шест судии, тоа е случај за имунитет и одговорност на претседателот на државата и избор на претседател на Уставен суд. Оваа состојба веќе се одразува со негативен ефект врз работата на Судот. Изминатиот период беа целосно одложени 11 предмети за кои се чека полн состав. Полн состав чекаат деловникот за работа на Владата, предмети за слободи и права, закон за ЈО, закон за даноци за моторни возила за данокот за конзуларни претставници, закон за процена, одлука за додатокот на пратениците, ДУП Гостивар, закон за облигациски односи, закон за високо образование итн., информираше тогаш Кацарска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons