Судскиот совет бара воедначување на казните за кривични сообраќајни дела

Судскиот совет бара од Врховниот суд да ја преиспита казнената политика за кривични дела од областа на сообраќајот и да ги воедначи санкциите. Советот ги има предвид зачестените реакции во јавноста поврзани со пресуди за тешки кривични дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и најавува дека ќе направи увид во некои од ваквите судски предмети за кои имаше реакции во јавноста. 

Судскиот совет барањето го испрати до Врховниот суд, како највисок суд кој, според Уставот, обезбедува единство во примената на законите и воедначување на судската практика, а во кое барање се укажува дека судот е неопходно да ја преиспита казнената политика за кривични дела од областа на сообраќајот.

„Согласно член 101 од Уставот, Врховен суд обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите. Врховниот суд преку обезбедување единство во примената на законите ја воедначува судската практика. Затоа е формирано одделение за воедначување на судската практика во рамките на Врховниот суд. Заради постигнување на оваа цел, согласно член 37 од Законот за судовите, се предвидени начелни ставови и начелни правни мислења за обезбедување единство во примена на законите. Тргнувајќи од стратешката цел на Судскиот совет за враќање на довербата на граѓаните во судовите и зачестените реакции во врска со актуелни предмети по однос на изречени санкции од областа на сообраќајот, особено за кривичното дело ‘Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот’, Судскиот совет укажува на невоедначена судска практика по однос на казнената политика. Оттаму и потребата да се приспита казнената политика, односно да се обезбеди единство во примената на законите“, се вели во дописот до Врховниот суд.

Судскиот совет нагласува дека вакво барање до Врховен суд било испратено и во септември минатата година, поттикнато од невоедначената судска практика и од поднесените голем број претставки од граѓани до Судскиот совет во врска со изречени санкции за кривични дела од областа на сообраќајот.

Барање со слична содржина од страна на Судски совет е испратено и до апелационите судови во Скопје, Битола, Штип и Гостивар, со цел и тие да се вклучат во процесот на воедначување на казнената политика во врска со кривините дела од областа на сообраќајот.

„Имајќи предвид дека апелационите судови, најчесто два пати во годината, расправаат за правни прашања за кои не е усогласена судската практика, Судскиот совет дава целосна поддршка судовите да продоложат со ваквата практика, особено што во изминатиот период на различни апелациони подрачја се зачестени појавите на невоедначена судска практика за кривични дела од областа на сообраќајот“, пишува во дописот до апелациските судови.

Дополнително, членови на Судски совет, во својство на координатори на судови, ќе направат увид во неколку предмети од областа на сообраќајот кои се водат во некои од судовите, а за кои во последно време има реакции во јавноста.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons