Столтенберг: Загрижува запаливата реторика на Милорад Додик

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја осуди, како што кажа, запаливата реторика на српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик.

„Загрижени сме поради ситуацијата во Босна и Херцеговина со запаливата реторика на Милорад Додик. Неговите пораки поткопуваат едно од главните постигнувања кое го направивме со создавањето мултиетнички оружени сили во Босна и Херцеговина“, кажа Столтенберг во Брисел, по вчерашната средба со црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ.

Според него, во БиХ во последните години има „чекори во погрешна насока“, додавајќи дека поткопувањето на постоењето на Оружените сили на БиХ е важно не само за Босна и Херцеговина, туку и за целиот регион и пошироко.

„Сојузниците силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Запаливата реторика во Република Српска сериозно загрижува. Структурите на Босна и Херцеговина се важни за стабилноста на земјата. Особено Оружените сили, една од најсилните мултиетнички институции во земјата“, истакна Столтенберг.

Додаде дека НАТО останува посветен на силниот политички дијалог и практичната соработка со БиХ, како и дека ќе продолжи да ги поддржува реформските напори на земјата за доброто на сите.

„Политиката на НАТО на отворени врати е историски успех и придонесува на безбедноста во регионот“, истакна Столтенберг.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons