Стигна барањето за свикување седница, на потег е Џафери

До службите во Собранието пристигна иницијативата, која понатаму треба да биде испратена во Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, за повторно свикување на пратениците. Во барањето се потпишани 35 пратеници, но изостанаа пратениците од ДУИ.

Во писмото на потпишаните пратеници се наведува дека поради вонредната состојба која ја прогласи претседателот на државата тие мораат да се соберат повторно и оти само Собранието има надлежност да ја потврди оваа одлука на шефот на државата, како и да ги изгласа уредбите што ги донесе Владата.

Нема информации како ќе постапи Џафери по добивањето и разгледувањето на Иницијативата, за што исто така нема пропишан рок односно дали ќе ја достави до другите пратеници и дали и кога ќе свика седница.

Тој вчера не сакаше да ја коментира Иницијативата посочувајќи дека сака најнапред да ја види па да се изјасни за неа. Претходно, неговиот став беше дека еднаш самораспуштен Парламент не може повторно да се свикува.

Против оваа иницијатива се изјаснија и од опозоциската ВМРО-ДПМНЕ.

Собранието се самораспушти на 16 февруари поради одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април,  но тие беа одложени поради ширењето на коронавирусот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons