Скопје со цивилизациска „Треска“

Дали „Треска“ мора неповратно да се претвори во урбанистички, градителски и општествен срам, во уште еден монструм на нашето време, во уште еден болен пораз од самите себе, во непоправлив споменик на немоќта на нормалноста?

Помнам кога „Треска“ никој не ја посакуваше. Ниту нејзините соседи, ниту  потенцијално новите. Тоа беше она време кога таа, секако без нејзина вина, а најмногу поради забрзаната урбанизација на постземјотресно Скопје, од неговата периферија се најде преселена во средиштето на неколку густо населени населби. Време кога темниот фабрички чад, привикнувајќи ги белите дробови на Карпош, Капиштец и Буњаковец на денешниве ПМ-честички, со сета негова симболика, беше слободно испуштан низ сеуште стоечкиот лимен оџак на тогаш забревтаниот производител на мебел и познатите камп-приколки. Период во кој срамежливо почна да се буди свеста за неопходноста од зачувување на животното опкружување. За потребата од воздух. За живот.

Она што не успеа да го реализира стариот систем на заминување, експресно го разреши новокомпонираниот на доаѓање. И тоа радикално. Ја затвори фабриката. Впрочем, како и многу други. Најмалку, поточно ни малку, заради некаква грижа за јавното здравје или уште помалку поради некаква високо развиена општествена свест. Не, тој (системот) е се уште далеку од таков вид приоритети. Долго и речиси безнадежно е заглавен во некои приземни или уште поточно подземни нешта. Го влечат надолу гравитациските сили на сеопштата корупција, алчност, себичност, безобѕирност. Го гуши свеста која е подготвена за промени, ама само кај другиот. Свеста која креира прави ликови во искривени огледала.

Општествен срам

Но, тркалото на животот се врти. Дојде време „Треска“ сите да ја посакуваат. Да ја посакуваат, а и да се борат за неа. Со сите средства. Едните за нејзино силување со ѕидање нови урбани грдотии придружено со едновремено опсесивно доѕидување на сопствените финансиски кули. Други, за квалитативен исчекор во третманот на јавниот простор, трети за зачувување на провизорно прикрпениот станбен простор во рамките на локацијата, четврти како за нова шанса за некој улов во матно, петти… Нерамноправна борба со, во наши услови, најчесто познат исход.

Дали „Треска“ мора неповратно да се претвори во урбанистички, градителски и општествен срам? Во уште еден монструм на нашето време. Во уште еден болен пораз од самите себе. Во непоправлив споменик на немоќта на нормалноста. Генерациски зулум. Во причина за наведнати глави. За гнев поради уште една изгубена шанса. Како и онаа за целосна реконструкција на монументалната зграда на старата скопска железничка станица и нејзина пренамена во културно-конгресен центар. Шанса што е неповратно пропуштена со, најблаго кажано чудната одлука, земјиштето под разурнатиот дел од објектот да му се даде некому за изградба на нешто. Едноставно занемува човек беспомошно стоејќи простум пред заштитните тараби  кои само краткотрајно успеваат да го затскријат неумоливото разградување на супстратот на градот и неговиот сé помал урбан потенцијал.

Дали навистина нема спас за и од „Треска“? Треба ли упорно да се опстојува на само две разрешници, црна или бела, поточно сива?  Едната насочена кон неинвентивната, но добро разработена шема за безидејно натрупување на неквалитетни за живот метри квадратни. Опција која е веќе своевидна константа во нашата затапена ментална матрица. И другата, која турка долгорочна статус-кво состојба која, имајќи ги предвид моќта и притисокот на капиталот на сите нивоа, па и потребата конечно просторот урбано да се уреди, се покажува како долгорочно неодржлива.

Дали се можни и некои други, попродуховени и кај нас одамна подзаборавени решенија? Можеме ли да осмислиме и реализираме современ централен парк на уметноста или дигитален парк или пак парк на дигиталната уметност? Или едноставно „Парк треСКа“. Место во кое ќе трагаме по изгубената надеж, потиснатите убавини на живеењето, мечтите. Кое, барем накусо, ќе ни ја влее онаа изгубена, а толку потребна доза на самодоверба. Ќе ни покаже дека и ние можеме. Дека вредните нешта не се случуваат само таму некаде, далеку од нашите домови.

Јавното пред личното

Без претензија за сеопфатност, претпоставувам дека по издржана студија за исплатливост (не само финансиска) и добро осмислена проектна задача, би се распишал вистински меѓународен конкурс. Сопствениците на парцелите (најгорливото прашање) би можеле да бидат обештетени низ неколку форми и секако во разумно реален рок. Локацијата нуди многу можности (огромен подземен паркинг кој би ја опслужувал и Универзалната сала, низа атрактивни помали објекти но со повисока единечна цена и многу други). Притоа, се разбира, често (зло)употребуваниот аргумент за стекнати права врз основа на нарачаните ДУП ќе мора да добие поинаков третман. Доколку општините и градот не се во состојба сами да се справат со проблемот (а нема да бидат), напомош треба да дојде државата. Не би била исклучена и некаква форма на самопридонес на жителите на (најмалку) околните општини со што ќе се покаже и толку потребната самосвест за реализација на приоритетни цели. Нема сомнеж дека за вакви проекти, со кои се покажува и вистинската цивилизациска зрелост на општеството, лесно ќе се дојде и до средства од меѓународните фондови.

Да, точно! Тоа се решенија што јавното го ставаат пред личното. Кои бараат поинаков пристап, вистинска посветеност, поголем напор, општествена одговорност. Но, пред сѐ – идеал. Надеж, верба и љубов кон она што нѐ опкружува. Кон нас. Кон она што ќе остане зад нас.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons