СИНДИКАТОТ КОНТРА ГАЗДИТЕ: Децидно сме против невакцинираните работници да се тестираат на свој трошок, Пазарен инспекторат јасно да го каже својот став

Синдикатот контра работодавачите, се противи на нивната идеја невакцинираните работници да се тестираат на свој трошок. 

„Како единствен репрезентативен синдикат, национален социјален партнер во државата заштитник и преставник на законските права на работниците, Сојузот на синдикатите на Македонија е децидно против барањето на Стопанската комора за тестирање на невакцинираните работници на свој трошок“, се вели во соопштението од ССМ.

Според нив, Законот за работните односи и Законот за БЗР, во ниедна своја одредба не укажуваат на ваквата можност, напротив, секое барање и инсистирање на работодавачите во врска со здравствената состојба на работниците, изрично во законите е наведено дека е на трошок на работодавачите.

„Како институција која се грижи за остварување, заштита и унапредување на работничките права, нема да дозволиме изигрување и непочитување на законите, нивно произволно толкување, а со тоа и создавање на целосна правна несигурност на работниците и граѓаните. Дотолку повеќе што веќе ја известивме јавноста дека и најкомпетентната институција, ДИТ, постапувајќи по пријава на ССМ, се изјасни дека не смеат работодавачите да ги присилуваат и задолжуваат невакцинираните работници да се вакцинираат или да прават контролни тестови, а тоа да го условуваат со забрана за доаѓање на работа. Очекуваме погласна и посериозна објава, став и мислење од ДИТ , затоа што проблемите на кои ќе наидеме ќе бидат заеднички, односно непоткрепените со закон активности ќе предизвикаат лавина од приговори, тужби, а можно е и неконтролирани протести“, пишуваат од ССМ во своето соопштение.

Велат дека повикуваат на разум, трпение и преземање на сериозни и законски засновани мерки, кои нема да ја вознемират јавноста и граѓаните.

„Се залагаме за целосно информирање и обука на работниците и граѓаните во врска со предноста и научните сознанија за имунизацијата  од Ковид 19, очигледно е дека надлежните институции во овој поглед потфрлија и недоволно го информираа и мотивираа населението. ССМ апелира до членството и граѓаните сериозно да ја сфатат потребата од вакцинација, ги повикуваме работниците слободно и по своја воља да одлучат за сопствената имунизација, не прифаќаме уцени и присила во тој поглед , а бараме од работодавачите да создадат работни услови прилагодени на донесените Ковид мерки од страна на Владата, односно работни услови во кои работниците ќе ги извршуваат работните задачи на потребна дистанца, ќе се обезбеди соодветна вентилација на работните простории, заштитни маски и дезинфикациони средства на товар на работодавачот, поголема контрола на користењето на јавниот превоз и превозот на работниците организиран од работодавачите“, велат од ССМ.

Додаваат дека во оваа насока се потребни засилени контроли од ДИТ, како и извештај од нив за досега извршените контроли и дали ковид мерките се почитуваат во компаниите, кои компании не ги почитувале ковид протоколите, што е преземено во тој правец, па дури потоа да се преземаат евентуални чекори за правно регулирање на правата и обврските на невакцинираните лица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons