Се уриваат нелегалните објекти во Охрид – Концесионерите реагираат: Се мислиме каде да го бараме чарето

Објектите кои што се во водите на Охридското езеро и претставуваат едни од најпопуларните плажи, ќе станат минато. Општина Охрид со механизација започна да ги урива. Револтирани се закупците и велат дека без работа ќе останат стотина семејства.

„Ние најдовме начин по старата концесија да си плаќаме кирија. Киријата е платена, концесијата е платена до 28. 02. 2021 година. Значи дека не е онаа лажна слика дека правиме некаков криминал“, истакна Марјан Маловчев.

Од локалната самоуправа соопштија дека повеќе нема да толерираат нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми кои без договор за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште со што нанеле штети во строго заштитено подрачје. Од друга страна правниот застапник на корисниците на плажите вели дека преземените активности не се во согласност со законот.

„Се игнорира фактот дека постапката за јавно наддавање која што би го решила статусот ма плажите во Охрид кои што се издаваат под закуп или популарно наречена концесија не е завршена. Значи сметаме дека е сериозно пречекорување на овластувањата од општината да го решаваат надвор од правните регулации“, додава Михаил Кичеец.

Денешната акција се одвиваше под силно полициско обезбедување. Плажите веќе неколку дена не работат затоа што им е исклучена струјата, а како што најавија од општина Охрид, по завршувањето на работите на овој дел од крајбрежјето ќе се пристапи кон отстранување на платформите и објектите кај населбата Канео. Ова е само една од работите кои треба да се направат во Охрид, за градот да го задржи статусот на Светско природно и културно наследство на УНЕСКО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons