Музејот на град Скопје добива нов лик, се обновува изложбениот простор

По повеќе децении, Музејот на град Скопје лоциран во зградата на поранешната железничка станица, која настрада во скопскиот земјотрес во 1963 година, ќе добие нов лик. Во тек е реконструкција и како што информираат од Град Скопје, се обновува изложбениот простор во музејот.

Реконструкцијата треба да заврши до ноември, а Скопје ќе добие современ изложбен простор по сите светски стандарди.

– Од заборавено место, музејот го претвораме во центар на културните збиднувања во градот. Стара железничка, во полната своја внатрешна убавина –напиша градоначалникот Петре Шилегов на Фејсбук.  

Финансиските средства за реконструкцијата на музејот во висина од 800.000 евра се обезбедени со грант од Светска банка.

Инаку, зградата на Старата железничка станица треба да биде автентично интегрирана во рамките на мултифункционалниот деловно-станбен комплекс кој е во изградба од страна на турската компанија „Лимак холдинг“.

– Зградата на Музеј на Градот Скопје е вон рамките од нашиот проект. „Лимак“ нема никакви обврски да ја реконструира оваа зграда. Очекуваме оваа зграда да биде реновирана од страна на Министерството за култура и градските власти. Исто така, веруваме дека естетски ќе биде синергизирана со нашиот проект – информираат од „Лимак холдинг“.

Годинава во февруари, беа одбележани 70 години од основањето на Музејот на град Скопје.

– Самиот комплекс ќе овозможи зголемување на посетеноста на ова ремек-дело на скопската архитектура (Старата железничка станица), кое ќе се вклопи во ремек-делото на модерната скопска архитектура („Лимак дајмонд“) – истакна тогаш Шилегов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons