МЗ: Носете маски на плажа и држете растојание, 15 посетители на 100 квадратни метри

Почитувајте ги мерките и протоколите кои ги донесе Комисијата за заразни болести за работата на базените и плажите, апелираат од Министерството за здравство (МЗ) за време на продолжениот празничен викенд.

Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите, меѓу кои и сите вработени лица и посетители да носат маски, да се постават средства за дезинфекција, да се држи физичко растојание од 1,5 до 2 метра, вклучително и при престој во вода. Протоколите за плажите предвидуваат и бројот на посетители да биде согласно квадратурата – максимум 15 посетители на 100 м2 нето површина.

„Освен задолжителното почитување на основните превентивни мерки: носење лична заштита на лицето, држење физичка дистанца од два метра, често миење на рацете со вода и сапун, или со средство за дезинфекција, се предвидува и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите и точното и видливо информирање на посетителите со информативно-едукативен материјал, во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, и гласовно информирање за придржување кон препораките“,

потсетуваат од МЗ.

Поставените чадори на плажите треба да бидат на минимално растојание од 4 метри, а меѓу лежалките поставени под соседни чадори треба да има растојание од 1,5 до 2 метра. Лежалките задолжително треба и да се дезинфицираат пред и по користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.

„Се забрануваат групните спортови, како одбојка на плажа, и задолжително е одредувањето лица, кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките. На плажите не се препорачува користење гардероби на плажа“,

велат од Министерството.

Оттаму потсетуваат и дека треба да се применуваат и протоколите за угостителски објекти.

И базените да работат според протоколите

Здравствените власти апелираат и базените да работат според протоколите и да ги почитуваат основните мерки како носење маски и држење растојание.

„Исто така, меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 до 2 метра или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички и да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети. Користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување ред од назначени лица од редарска служба“,

велат од МЗ.

За соблекувалните се препорачува и дезинфекција на секои два часа, а при влез во базенскиот дел задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons