„Зоки Поки“ ја освои цела Скандинавија, но втората сезона е неизвесна

Македонската детска серија „Зоки Поки“, снимена според истоимената култна книга на Оливера Николова, ја освои Скандинавија. Откако беше најавено дека ќе се емитува на националните телевизии „SVT“ во Шведска и „NRK“ во Норвешка, пристигна веста и за емитувањето на националните телевизии „DR“ во Данска и „YLE“ во Финска. Од продукцијата посочуваат дека за македонската кинематографија, пак, ова е успех од историско значење, со оглед дека „Зоки Поки“ е единствената македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала на јавните сервиси во овие четири земји.

„Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Емануеле Галони, извршен директор на „Videoplugger“ од Лондон. Токму овој дистрибутер ја има заслугата за меѓународното емитување на серијата. Тие силно веруваа во светскиот потенцијал на серијата, нејзината моќ да го збогати детскиот свет и да ја развие детската имагинација, особено во време кога нивните активности се значително намалени.

Сепак, и покрај големиот интернационален успех на серијата, втората сезона на „Зоки Поки“ е неизвесна.

„Многу се радувам што серијата ʻЗоки Покиʼ ќе се прикажува и на националните телевизии во Финска и Данска и со тоа го комплетира прикажувањето во цела Скандинавија. Ова е доказ дека во Македонија може да се продуцираат квалитетни дела кои ќе ги задоволат највисоките стандарди и критериуми за продукција на детска програма и дека македонските брендови се вреднувани и надвор од Македонија. За жал овој голем интернационален успех не наидува на поддршка од институциите во Македонија кои имаат обврска да финансираат детска и образовна програма, па затоа серијата ʻЗоки Покиʼ нема да има продолжение. Ова е голема штета за нашите деца кои се соживеаја со серијата и кои сакаат и понатаму да уживаат во авантурите на Зоки Поки и неговата дружина“, вели Роберт Насков, продуцент на серијата

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons